Според италијанските медиуми, до несреќата дошло во момент кога кабината во која се пренесувале туристите била близу до врвот на планината, кога одеднаш се скинало едно од јажињата што ја држеле
Најмалку четири лица загинаа по пад на кабина на жичница на планината Монте Фиато, околу 45 километри југоисточно од градот Неапол во јужна Италија. Во несреќата посериозно е повредено уште едно лице, кое од местото на несреќата со хеликоптер е пренесено в болница. Официјални лица соопштија дека жртвите се туристи.

Според италијанските медиуми, до несреќата дошло во момент кога кабината во која се пренесувале туристите била близу до врвот на планината, кога одеднаш се скинало едно од јажињата што ја држеле. Во моментот на несреќата жичницата се движела по стрмен дел од планината висока околу 1 100 метри.
Уште една кабина била во движење во тоа време, но се наоѓала близу до подножјето на планината. Од неа биле извлечени и спасени 16 лица. Тие биле евакуирани еден по еден, со помош на јажиња.
Жичницата била отворена пред само една недела, на стартот на туристичката сезона.