„На Македонија денес повеќе од сè ѝ е потребно обединување. Да се обединиме околу националните интереси. Околу иднината на нашите деца. Околу почитта кон сопствената историја и достоинството на народот. Нашите предци не се делеа кога ја бранеа слободата. Не прашуваа кој од каде е, ниту кој на кого припаѓа. Сите стоеја под едно име – Македонија“, напиша Мицкоски на Фејсбук по посетата на селото Туминец, Мала Преспа

Со развиорени македонски знамиња, зурли и тапани, традиционална македонска храна, леб и сол, премиерот Христијан Мицкоски денеска беше пречекан од Македонците во Туминец, Преспа и Мала Преспа, денешна Албанија. Таму тој отвори споменик во чест на македонските херои од овој крај.

За посетата Мицкоски информираше во објава на својот Фејсбук профил каде напиша дека денес повеќе од сè е потребно обединување околу нациналните интереси и иднината.
„Да се обединиме околу националните интереси. Околу иднината на нашите деца. Околу почитта кон сопствената историја и достоинството на народот. Нашите предци не се делеа кога ја бранеа слободата. Не прашуваа кој од каде е, ниту кој на кого припаѓа. Сите стоеја под едно име – Македонија“,
напиша Мицкоски.
Мицкоски вели дека Македонците во Албанија се нераскинлив дел од македонското национално ткиво.
„Вашата истрајност низ децениите е подвиг достоен за почит. Вие го сочувавте македонското име, јазикот, традицијата и духот и тогаш кога било најтешко. И затоа денес сакам јасно да порачам: Матицата нема да ве заборави. Македонија стои со својот народ каде и да е, со почит, со грижа и со искрена поддршка“,
вели Мицкоски.

Инаку, Македонците од Мала Преспа денеска во селото Туминец под мотото „Чест за хероите, завет за иднината” организираа свеченост за оддавање почит на хероите од овој крај. Селото се наоѓа на падините на Пречна Планина, на брегот на Преспанското Езеро, на северниот брег на заливот Завир.
