Официјална Прага појаснува зошто вчера го блокира усвојувањето на заклучоците на германското претседателство за пропирување на ЕУ кон Западен Балкан
Чешка е длабоко разочарана што не беше одобрена преговарачката рамка за Северна Македонија, со која требаше формално да започнат пристапните преговори со ЕУ, се вели во реакцијата од Чешкото Министерство за надворешни работи што го пренесе Дојче веле.
Оттаму потенцираат дека немаат намера да дозволат да бидат усвоени заклучоците со делот за „погрешното толкување на историјата“ на кој инсистираше Бугарија, а претседавачот Германија ги предложи, додавајќи дека и други држави-членки на ЕУ изразиле загриженост поради заклучоците.
„Чешката Република отсекогаш била постојан поддржувач на политиката на проширување во последните 16 години. Тоа не се промени со оваа одлука. Сепак, по внимателно разгледување, не можевме да дадеме согласност за нацртот презентиран за одобрување“,
велат од чешкото МНР.
Според Министерството, главната цел е да се усвои Преговарачката рамка што е можно поскоро, но сегашниот текст сметаат дека може да има спротивен ефект.
„Според наше гледиште, тој содржи термини за фалсификување на историјата што би можеле да бидат штетни за процесот на проширување“,
велат од чешкото МНР.
Во Прага сметаат дека билатералниот спор меѓу Северна Македонија и Бугарија треба да си го решаваат двете земји, а не да биде дел од преговорите за членство во ЕУ.
„Нашата улога треба да биде да ги поддржиме со искуството од нашиот сопствен процес на помирување. Подеднакво сме убедени дека може да се најде решение за прилагодување на нивните барања“,
наведуваат од чешкото МНР.
Исто така се посочува дека и други земји, исто така, ја изразиле својата загриженост, поради што Чепка смета дека конечното усвојување на текстот треба да се случи на следниот Совет за општи работи.
На крајот се изразува длабоко разочарување што преговарачката рамка, како за Северна Македонија, така и за Албанија не е е одобрена и истакнуваат дека даваат целосна поддршка на двата нацрти кои произлегоа од напорната работа на германското претседателство.
Чешка и Словачка вчера го блокираа усвојувањето на заклучоците на германското претседателство за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, поради спорниот дел кој се наоѓа во членот 8 од Нацрт-верзијатаа во кој се вели: „Советот потсетува на Преспанскиот договор помеѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за Пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација. Овие два крупни чекори би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата“.