Повредени најмалку тројца полицајци, од кои еден посериозно, приведени десет лица, материјална штета на автомобили и продавници и запленети молотови коктели, е исходот од синоќешните протести против полициското насилство во атинската населба Неа Смирни, јави дописничката на МИА од Атина.
Протестот беше организиран откако во неделата жители од оваа населба објавија видеа на социјалните мрежи обвинувајќи за полициска бруталност врз момче.
Протестот започна мирно со учество на над 5 000 лица, а заврши со сериозни инциденти кои со прекини траеја неколку часа.
Населбата што важи за една од помирните во јужниот дел на Атина синоќа наликуваше на бојно поле кога маскирани лица фрлаа камења, дрва, но и огромен број молотови коктели, а полицијата одговори со солзавец, шок-бомби и водни топови. Полицијата соопшти дека пред протестот запленила молотови коктели.
Најсериозно е поведен еден полицаец кој беше нападнат од поголема група маскирани лица. Со повреди на главата, тој беше префрлен во болница, но не е во животна опасност.
Инцидентот се случи кога полицајци со мотори во движење беа нападнати од поголема група демонстранти. Повредениот полицаец беше совозач на последниот мотор, а маскираните лица откако го фрлија наземи продолжија со ударите.
Насилствата ги осудија како грчката влада така и опозициските партии.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во видеоизјава повика на воздржаност и смиреност, рече дека „жалните слики на насилство што сите ги видовме во Атина, мора да бидат последни“ и истакнува дека „слепиот бес не води никаде“.
„За жал, некои луѓе ги игнорираа нашите предупредувања. И, на оние што се обидуваат да шират омраза и поделба во општеството за да го покријат сопствениот ќор-сокак, како што тоа го правеа во минатото, им одговарам со следново: Вечерта на изборите на 7 јули 2019 година истакнав дека сум тука за да гарантирам единство, безбедност и просперитет на сите Грци. Ова го повторувам и сега. Нема да дозволам никој да нè дели. Нема да дозволиме никој да нѐ врати назад“,
рече Мицотакис.
Од опозициската СИРИЗА ги осудија инцидентите, како и нападот врз полицаецот и истакнаа дека „на насилството не се одговара со насилство“ и „насилството само го оправдува насилството“.