Француската државна секретарка за Европа рече дека е во Скопје да донесе три пораки, а за евроинтеграцијата порача дека патот мора да се изоди до крај во однос на уставните измени, но и спроведување на реформите. Обраќањето пред јавноста го заврши со порака дека е среќна што Северна Македонија го потпиша Договорот Фронтекс на македонски јазик што е знак дека кога ќе станеме членка на Унија, македонскиот ќе стане официјален јазик во рамките на ЕУ
Државната секретарка за Европа на Франција, Лоранс Бун, денеска од Скопје порача дека членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030, како што зацрта македонската влада, е амбициозна цел, но не е нереална.
„2030 која е амбициозна но не е нереална бидејќи видовме дека Северна Македонија напредува доста во поглед на усогласување на европското законодавство. И премиерот спомна дека претстои наредниот чекор – уставните измени кои се дел од европскиот договор, но потоа и сите реформи што ќе треба да се спроведат. Кажав дека за време на разговорите сме овде да и помогнеме на Северна Македонија. Тоа е цел која е остварлива и треба да ни служи како цел“,
рече Бун која денеска е во официјална посета на земјава.
На заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, таа рече дека е тука да испрати три пораки. Првата е порака за пријателство за што рече, Франција и Северна Македонија се две пријателски земја, но може да свртиме нова страница и да ги продлабочиме севкупните односи.
„Целта на мојата посета овде неколку месеци по постигнатиот договор е да покажам доследност во нашето пријателство и нашата посветеност за вашата земја. Вие љубезно потсетивте дека заедно работевме за остварување на европските перспективи, бевме убедени дека тоа е добра работа и дека Северна Македонија го заслужува тоа и го има своето место во рамки на Унијата. Во Франција сите сме горди што успеавме да го постигнеме тој резултат“,
рече Бун.
Втората порака, пак, како што рече е порача за охрабрување бидејќи земјава направила извонреден напредок во однос на стабилизирање на меѓуетничките односи внатре, нормализирање на односите со соседите и во однос на евроатлантската интеграција.
„Мислам дека е праведно да се каже дека вие направивте многу за пренесување на европското законодавство во домашното и Договорот што беше постигнат во рамки на француското претседателство го отвори патот за членство во ЕУ. Денес она што ние сакаме да го кажеме е дека треба да се изоди до крај патот“,
порача Бун.
И третата порака што ја испрати Бон е заеднички и постојан ангажман на Франција и Северна Македонија.
„Она што сакам да го кажам е дека ќе продолжиме во таа насока, ќе го продлабочуваме дијалогот на сите теми од заеднички интерес, особено во рамки на Европската политичка заедница. Ќе ги зајакнуваме нашите економски односи кои можеби не се на висината на која посакуваме, но и ќе работиме на зајакнување на изучувањето на францускиот јазик во Северна Македонија што е заеднички предизвик“,
рече Бон.
Француската државна секретарка за Европа, обраќањето го заврши велејќи дека е среќна што Северна Македонија го потпиша Договорот Фронтекс на македонски јазик што е знак дека кога ќе станеме членка на Унија, македонскиот ќе стане официјален јазик во рамките на ЕУ.