Покрај внатрешните прашања, Османи ја нагласил итната потреба од деблокада на евроинтеграцискиот процес особено земајќи го предвид моментумот на проширувањето и напредокот постигнат од Црна Гора и Албанија

Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, во рамките на својата дводневна работна посета на Брисел, изразил загриженост до европските претставници во врска со политичката состојба во Северна Македонија.
Во фокусот на разговорите со високите функционери на ЕУ, како што информираат од ДУИ, доминирала загриженоста за, како што вели Османи, директното уривање на Охридскиот рамковен договор. Според него, во земјата веќе се реализира организиран план за поништување на клучните столбови на овој договор, што создава опасен вакуум.
„Ова создава сериозна непредвидливост која лесно може да биде злоупотребена од трети страни“,
истакнал Османи за време на средбите.
Османи, се вели во партиското соопштение, остварил средби со високи претставници на европските институции и на Европскиот парламент.
Разговарал со претставници од кабинетот на еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и со Валентина Суперти, директорка за Западен Балкан во DG NEAR на Европската комисија.
Имал средба и со Емануел Жиофре, директорот за Европа во Европската служба за надворешна акција, а најавени се разговори и со европратениците Владимир Пребилич, Тис Ројтен и Матијаж Немец.
Покрај внатрешните прашања, Османи ја нагласил итната потреба од деблокада на евроинтеграцискиот процес особено земајќи го предвид моментумот на проширувањето и напредокот постигнат од Црна Гора и Албанија.
„Внатрешната и надворешната интеграција бараат храбри одлуки внатре во земјата, но и јасна и постојана посветеност од европските партнери“,
рекол Османи.
