Главните принципи зад коалициската влада на ГЕРБ-СДС, ИТН и БСП со поддршка на ДПС-Доган, како што нагласи Жељазков, се: владеење на правото и еднаквост пред законот, зајакнување на социјалната држава, ефикасност и ефективност во обезбедувањето јавни услуги и обезбедување јавни ресурси
Бугарскиот парламент го избра Росен Жељазков за премиер на Република Бугарија, јавија бугарските медиуми. Како што пренесе БГНЕС, „за“ гласале 125 пратеници, „против“ 114, а немало воздржани.

Пратениците ја поддржаа структурата на Советот на министри со истото мнозинство со кое го избраа Жељазков. И составот на владата доби 125 гласа „за“.
Жељазков и новите министри веднаш по изборот положија заклетва.

Жељазков доби поддршка од пратениците на ГЕРБ-СДС, Има таков народ (ИТН), БСП-Обединета левица и ДПС-Доган.
ПП-ДБ, Преродба, ДПС-Нов почеток и МЕЧ гласаа против.
„На Бугарија ѝ треба редовна влада“,
изјави Росен Жељазков од собраниската говорница, презентирајќи ги политиките на неговата влада.
На почетокот на својот говор, Жељазков изрази благодарност до коалициските партнери – БСП и – за потпишувањето коалициски договор. Жељазков се заблагодари и на ДПС-Доган за поддршката на парламентарното мнозинство.
Главните принципи зад коалициската влада на ГЕРБ-СДС, ИТН и БСП со поддршка на ДПС-Доган, како што нагласи Жељазков, се: владеење на правото и еднаквост пред законот, зајакнување на социјалната држава, ефикасност и ефективност во обезбедувањето јавни услуги и обезбедување јавни ресурси.
Здравството, образованието, развојот на пазарот на трудот, владеењето на правото, одржливите јавни финансии, буџетот и еврозоната – се во фокусот на политиките на кои ќе работи кабинетот на Жељазков, јави БГНЕС.
Од собраниската говорница, кандидатот за премиер како приоритет го истакна спроведувањето на инвестициите во рамките на Планот за закрепнување и отпорност (ПРП).