Комисијата за спречување и заштита од дискриминација вчера влезе во бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, по добиена претставка од граѓанско здружение. Оттаму кажаа дека нема да прејудицираaт наводи, туку ќе објават мислењето откако ќе заврши постапката, но присуството на конзулот го доживеале како обид за влијание
Министерството за надворешни работи смета дека бугарскиот конзул, Димитар Иванов, немал право да присуствува на вчерашниот увид на Антидискриминациска во клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.
„Министерството нагласува дека согласно Конвенцијата за конзуларни работи, тој немаше право да биде присутен на увидот бидејќи се работи за постапка во која се вклучени две здруженија, правни лица од Северна Македонија, регистрирани согласно постојните законски прописи на државата. Господинот Иванов има право да ги застапува правата и интересите на државјаните на Република Бугарија кои живеат во Република Северна Македонија, но не и правата и интересите на здружение на граѓани регистрирано во Република Северна Македонија“,
велат од МНР.
Од ресорното министерство посочија дека го следат и нотираат ангажманот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во врска со евентуални наводи за извршена дискриминација во случајот со здружението „Иван Михајлов“ од Битола.
„Цврста заложба на министерството е сите вакви и слични примери да се решаваат институционално, согласно позитивните законски прописи на Северна Македонија, при што ги охрабруваме сите физички и правни лица да ги искористат овие правни инструменти и механизми, во докажувањето на овие евентуални или било кои примери на дискриминација… Министерството укажува на обврската на сите институции, во случајот на Комисијата која покрива особено чувствителна проблематика, професионално и објективно да пристапуваат кон ваквите претставки и предмети, со цел да се одбегне било каква политизација во решавањето и заштитата на правата на физичките и правни субјекти“,
се вели во соопштението.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација вчера влезе во бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, по пријава на граѓанско здружение, за што Комисијата смета дека има оправдан интерес. Оттаму кажаа дека нема да прејудицираaт наводи, туку ќе објават мислењето откако ќе заврши постапката, но присуството на конзулот го доживеале како обид за влијание.
„Неговото присуство за време на извршувањето на своите законски надлежности, Комисијата го доживува како обид за влијание врз работата на ова независно тело за еднаквост, но и можност за инструментализација на Комисијата во политички цели, за што го извести и МНР“,
реагираа денеска од КСЗД.
Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ свечено беше отворен на 16 април годинава, во присуство на висока делегација од Бугарија, предводена од тогашниот премиер Кирил Петков. Чинот предизвика остри реакции во јавноста, а отворањето беше проследено со протести во Битола. Два месеца подоцна, влезната врата на Клубот ја запали пејачот Ламбе Алабакоски, кој е осомничен за кривичното дело – предизвикување општа опасност.
*ПОВРЗАНИ ВЕСТИ