Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација велат присуството на бугарскиот конзул на увидот во Битола е можност тие како независно тело да бидат инструментализирани во политички цели и за истото го известиле и МНР
Генералниот конзул на Бугарија, Димитар Иванов, вчера присуствувал во просториите на бугарскиот центар „Ванчо Михајлов во Битола додека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (ДКЗД) вршеше увид, што ваквиот чекор оттаму го сметаат за обид за влијание.
„При увидот, спротивно на досегашните практики, констатирано е дека освен претставниците на Здружението, присуствуваше и генералниот конзул на Република Бугарија, г. Димитар Иванов. Неговото присуство за време на извршувањето на своите законски надлежности, Комисијата го доживува како обид за влијание врз работата на ова независно тело за еднаквост, но и можност за инструментализација на Комисијата во политички цели, за што го извести и МНР“,
реагираат денеска од КСЗД.
Оттаму потсетуваат дека се формирана и работат согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација според кој, како Комисија се независен и самостоен орган избран од Собранието и за својата работа одговараат единствено пред парламентот.
Увидот во клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола вчера беше извршен по поднесена претставка за дискриминација од Здружение на граѓани против клубот.
Членката на КСЗД, Весна Бендевска, која вчера го вршеше увидот, рече дека согласно наводите во претставката како Комисија се должни да прибават документи и да ја сослушаат и другата страна против која е поднесена претставката, во случајот клубот „Ванчо Михајлов“.
„Дојдовме на увид кој е најавен пред една недела и извршивме увид на просториите на потенцијалниот дискриминатор, како што наведува поднесувачот на претставката“,
рече вчера Бендевска.
Таа потенцираше дека како Комисија нема да прејудицираат наводи туку ќе го објават мислењето откако ќе заврши целата постапка.
Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ свечено беше отворен на 16 април годинава, во присуство на висока делегација од Бугарија, предводена од тогашниот премиер Кирил Петков. Чинот предизвика остри реакции во јавноста, а отворањето беше проследено со протести во Битола. Два месеца подоцна, влезната врата на Клубот ја запали пејачот Ламбе Алабакоски, кој е осомничен за кривичното дело – предизвикување општа опасност.