Решението на бугарскиот Синод доаѓа во време кога МПЦ-ОА сè уште чека томос за автокефалност од Цариградската патријаршија, односно во момент кога таа е целосно призната само од Српската и од Руската православна црква
Бугарски медиуми за потегот на БПЦ велат дека е чекор на „агент за руско влијание“ во земјата зашто додека е признат томосот на СПЦ за МПЦ, Бугарската православна црква не ја признала Украинската црква
Светиот синод на Бугарската православна црква (БПЦ) донел одлука да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), пренесува бугарскиот портал „Фактор“ повикувајќи се на свои извори. Порталот пишува дека одлуката на Синодот на БПЦ доаѓа во време кога МПЦ-ОА сè уште чека томос за автокефалност од Цариградската патријаршија, односно во момент кога таа е целосно призната само од Српската и од Руската православна црква.
Како што јавува дописникот на МИА од Софија, и други бугарски медиуми пренесуваат дека Светиот синод на Бугарската православна црква на својата редовна седница вчера, под раководство на патријархот Неофит, донел одлука „за признавање на томосот со кој Српската црква ѝ дава автокефалност на Македонската православна црква“.
Според написите, Синодот на БПЦ смета дека МПЦ-ОА треба да се нарекува „Православна црква во Република Северна Македонија“.
Според медиумите, бугарскиот патријарх Неофит во своите диптиси на Божик ќе го вклучи и името на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, но како „архиепископ скопски Стефан“ бидејќи БПЦ „не ја признава титулата со која вселенскиот патријарх Вартоломеј ги прими во литургиско сослужување архиепископот Стефан и МПЦ“.
Бугарската црковна интернет-страница doxologiainfonews.com наведува дека Синодот на БПЦ го оспорува името на Македонската православна црква-Охридска архиепископија бидејќи според Статутот на БПЦ „правен наследник на Охридската архиепископија е Бугарската патријаршија“.
Официјално соопштение од БПЦ се очекува во текот на денот.
Македонската интернет-страница „Религија“ пренесува дека Синодот на Бугарската православна црква донел скандалозна одлука откако пред три дена во Софија беше вториот човек на Руската православна црква, шефот на руската црковна дипломатијата, Митрополитот Антониј.
И според информациите на Религија.мк, бугарските владици одлучиле да го признаат томосот што СПЦ го издаде за автокефалност на МПЦ-ОА, но половично. Тоа значи дека за БПЦ, МПЦ-ОА ќе биде автокефална црква, но решиле да ја прекрстат и да ѝ дадат друго име, не она што го призна СПЦ. Така, наместо МПЦ-ОА, за БПЦ во иднина МПЦ-ОА ќе биде „Православна црква на/во Република Северна Македонија“. И македонската интернет-страница пренесува дека бугарските владици одлучиле да ја преименуваат и титулата на Архиепископот Стефан и од неа целосно да го исфрлат терминот „Охридски и Македонски“. БПЦ во својот диптих ќе го заведе архиепископот Стефан како „архиепископ скопски и на Република Северна Македонија“.
Високи црковни извори од БПЦ за Религија.мк велат дека ваквата одлука бугарските владици ја темелеле на, како што велат некои од нив, „слободниот простор за именување на Црквата во Скопје што го оставал томост на СПЦ“. За волја на вистината, СПЦ издаде томос на име МПЦ-ОА, но во него остави простор конечното име на црквата во Северна Македонија да биде решено во договор со гркојазичните цркви.
Српската црква, по децении негирање, во мај годинава ја призна автокефалноста на македонската црква.
Речиси паралелно со ова Вселенската патријаршија одлучи да ја прими МПЦ-ОА во зеницата на православните цркви, а во јуни се случи и заедничка литургија на архиепископот Стефан и вселенскиот патријарх Вартоломеј, на која присуствуваше и македонскиот државен врв предводен од премиерот Димитар Ковачевски. Оттогаш почна процесот за доделување томос од Цариград, кој сè уште не завршен.
Бугарскиот портал „Фактор“ поради овие причини ја нарече бугарската црква „агент за руско влијание“, бидејќи од една страна ја признала МПЦ-ОА за автокефална пред да стигне томосот од Цариград, а од друга, донела одлука да се воздржи од признавање на Украинската православна црква.
Според порталот, со овие две одлуки БПЦ „исполнува руски наредби“.