Теодор Цветков од Русе сподели дека првите 7 часа и последните две ноќи му биле најтешки, но благодарение на добрата подготовка и неговиот тим успеал да ги надмине тешкотиите
Бугарин постави нов светски рекорд во пливање без прекин – 27-годишниот Теодор Цветков од Русе остана во вода 71 час, јавува БНТ. Спортистот, популарен по добротворни акции, веќе беше дел од Гинисовата книга на рекорди откако исплива 10 километри со една рака. Теодор имал намера да остане 72 часа во водите на езерото во Шумскиот парк „Липник“ близу Русе, но поради лошото време лекарите решиле да запре еден час порано.
Теодор сподели дека првите 7 часа и последните две ноќи му биле најтешки, но благодарение на добрата подготовка и неговиот тим успеал да ги надмине тешкотиите.
„Имаше неколку моменти кога се смрзнав, односно добив грчеви од преоптоварувањето“, изјави Теодор Цветков.
Неговите пријатели од клубот за кану постојано беа со чамците покрај него.
„Бевме 5-6 кајакари, се менувавме, но тој не инспирира сите нас, како и ние него“, изјави кајакарот Мартин Церик.
Силниот дожд кој врнеше во последните 4 часа од пливачкиот маратон не му дозволи на Теодор да остане подолго во водата.
„Тогаш, апсолутно е забрането – за време на бура со грмотевици, како онаа што се случи овде, да има луѓе во вода, бидејќи тие стануваат потенцијална мета за гром и може да биде фатално. Тој издржа 71 час, што е уникатно“, рече Христо Метев, специјалист по белодробни заболувања.
„Докажав дека невозможното е само збор и се може да стане возможно. Но, најважна цел никогаш не беа рекордите, секогаш беше да се инспирираат младите, спортот да се развива и да има иднина за следните генерации“, рече Теодор Цветков.
Додека целосно не закрепне, Теодор останува под лекарски надзор. А тогаш ќе помине на својата следна цел – да го преплива Црното Море од Одеса до Бургас.