Според првичните проценки за кои известуваат бугарски медиуми, причина за пожарот веројатно е запалена цигара, а не инсталациите за довод на кислород
Пожар во ковид-одделението во општата болница во бугарскиот град Сливен однесе три жртви.
Пожарот избувнал во соба на четвртиот кат од болницата. Како што јавуваат тамошните медиуми, сигналот за пожар пристигнал околу 2.40 часот ноќеска, по што во болницата биле испратени две противпожарни екипи, а огнот во меѓувреме го зафатил целиот кат.
Кога пожарот бил изгаснат, две лица биле пронајдени мртви на самото место, а третото со возило на брза помош е пренесено во Пловди, каде што подоцна починало.
Како што јавуваат бугарските медиуми, загинатите се мажи на возраст од 66, 70 и 81 години.
Шест пациенти се евакуирани од две соседни соби во одделението.
„Нова,бг.“ пренесува дека пожарот веројатно е предизвикан од запалена цигара, односно дека не се причина инсталациите за довод на кислород.