Јавниот обвинител на ОЈО Скопје рече дека против три лица е побарана и определена мерка притвор од 48 часа, затоа што сè уште во тек е обработката на податоците кои се од материјална природа. Бубевски додаде дека кога ќе излезат наодите од обдукцијата, од сите оние преземени биолошки траги, активностите кои се преземени и се докажуваат со соодветни вештачења, во тој момент, можеби денеска или утре, МВР ќе излезе со соодветна кривична пријава со сите овие факти, со сите докази и тогаш веќе Јавното обвинителство ќе отвори истрага
Од тројца од петтемина инволвирани, за кои постојат основи на сомнение во овој момент дека се извршители на овие кривично-правни дејствија, имаме признание за целокупниот нивни ангажман, за текот на настанот, кој какви дејствија презел и кој со што и зошто бил задолжен во текот на сите овие активности преземени од нивна страна, рече основниот јавен обвинител на ОЈО, Скопје, Гаврил Бубевски, на денешната прес-конференција на која беа изнесени детали за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска.
„Сите инволвирани во овој случај се идентификувани. ОЈО врз основа на известие вчера доцна во ноќта, за инволвираност на четири лица во два кривично-правни настани во кои се пронајдени две жртви, испита тројца од осомничените. Во просториите на ОЈО тројцата од сите петмина инволвирани за кои постојат основи на сомнение во овој момент дека се извршители на овие кривично-правни дејствија имаме признание за целокупниот нивни ангажман, текот на настанот, кој какви дејствија презел и кој со што и зошто бил задолжен во текот на сите овие активности преземени од нивна страна“,
рече Бубевски.
Од сето ова, додаде тој, можеше да се заклучи дека овие лица извршиле две кривични дела, грабнување кое е поврзано со она што настана малку забуна, користољубие, односно грабнување заради корист, што е од имотна природа.
„Имаат извршено и две кривични дела убиство кои се квалификувани облици на кривични дела заради поврзаноста на едното и другото кривично дело со сторителите кои се исти и за првото и за второто кривично дело. Тоа добива најтешка можна квалификација од Кривичниот законик и се казнува со најтешка казна што може да се изрече во С Македонија“,
додаде Бубевски.
Тој додаде дека против три лица е побарана и определена мерка притвор од 48 часа, затоа што сè уште во тек е обработката на податоците кои се од материјална природа. Бубевски вели дека кога ќе излезат наодите од обдукцијата, од сите оние преземени биолошки траги, активности кои се преземени и кои се докажуваат со соодветни вештачења, во тој момент, можеби денеска или утре, МВР ќе излезе со соодветна кривична пријава со сите овие факти со сите докази и тогаш веќе јавното обвинителство ќе отвори истрага и за која можеме и по Законот за кривична постапка да кажеме многу повеќе детали.
„Сега постапката е во фаза на предистрага, сè уште немаме отворено истражна постапка, но законот во вакви случаи ни дозволува да влеземе со краткотраен притвор додека сето ова да се документира и да влеземе во постапка во која Јавното обвинителство, како што си е редот во овој случај, затоа што сите околности постојат и за опасност од бегство и од влијание на интегритетот на постапката и од повторување на делото имајќи предвид дека имаме веќе континуирани две дејствија, значи ќе побараме најтешка можна мерка за обезбедување присуство на обвинетите која е со поголемо времетраење“,
рече тој.
Според Бубевски, во текот на истрагата повторно ќе се прибира доказен материјал, ќе биде издадена и меѓународната потерница за лицето што не е во државата, како што се првичните информации, и тогаш, како што рече, ќе известуваме затоа што и истрагата тоа го дозволува.
Во однос на мотивот, Бубевски вели дека е користољубие, но само при грабнувањето, потоа се работи за чисто убиство.
„Едното е убиство на малолетно лице, кое исто така е квалификуван облик на убиство и за кое се казнува најстрого. Вкупните дејствија се квалификуваат како едно кривично дело убиство од последниот став од Кривичниот законик и тука нема веќе дилема што може да се очекува за сторителите на овој грозоморен чин“,
вели Бубевски.
Во однос на она што Основното јавно обвинителство го презема, Бубевски вели дека согласно неговите ингеренции во овој момент се на линија да без никакви задршки сторителите на овој чин бидат изведени да бидат казнети за она што го направиле.
.