Најмалку 11 лица повредени во нападот се лекуваат во локалните болници, а едно од нив останува во критична состојба, се додава во написот од Би-би-си

Бројот на жртви во нападот во средно училиште во австрискиот град Грац се искачи на 11 откако жртва повредена во пукотницата утрово, почина во болница, објавија австриските новински агенции АПА и ОРФ.
Новинската агенција АФП, исто така, објавува коментари од болнички службеник кој вели дека една жена починала од повредите во болница.
Претходно, како што пишува Би-би-си, објавено е дека меѓу загинатите има седум жени и тројца мажи.
Полицијата верува дека осомничениот, 21-годишен поранешен ученик, се самоубил во училишниот тоалет.
Најмалку 11 лица повредени во нападот се лекуваат во локалните болници, а едно од нив останува во критична состојба, се додава во написот од Би-би-си.
Властите велат дека вооружениот напаѓач употребил две легални огнени оружја, а осомничениот не ѝ бил познат на полицијата пред денешниот смртоносен напад.
На прес-конференција, австрискиот канцелар Кристијан Штокер го прогласи денешниот ден за „мрачен ден во историјата на нашата земја – можеби е најсмртоносниот во повоената историја на Австрија“.
Од утре е период на национална жалост во траење од три дена, а ќе започне во 10 часот по локално време со минута молчење на национално ниво.
Австриската полиција соопшти дека пукањето се случило во федералното средно училиште „Драјершуценгасе“, северозападно од градот Грац, недалеку од главната централна железничка станица.