Според податоците на Институтот за јавно здравје, во моментот во земјава во 90 проценти е присутен сојот омикрон, а во 10 проценти делта-сојот
Боледувањето на оние пациенти што ќе имаат симптоми и по седмиот ден ќе го регулираат матичните лекари, односно доколку имаат симтоматологија на вирусот ќе им се продолжи боледувањето по автоматизам за уште три дена
Нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки до следниот состанок на Комисијата за заразни болести бидејќи во последните два дена има намалување на бројот на новозаболени, смета министерот за здравство Беким Сали.
Според податоците на Институтот за јавно здравје што на дневна основа ги добиваат, пандемијата во земјава дава знаци на стивнување и секој ден има намалување на бројот на новоинфицирани и на хоспитализирани, вели тој.
„Сè е под контрола. Нема потреба од дополнителни мерки. Во Косово се преземени порестриктивни мерки – вакцинација и ПЦР-тестови, бидејќи епидемиолошката состојба почнала да се влошува и тоа е локална политика. Ние такви рестриктивни мерки немаме и засега нема потреба, меѓутоа секоја одлука е неделна. До следниот состанок на Комисијата за заразни болести нема да има потреба од нова мерка, но се надевам дека и граѓаните ќе бидат претпазливи и вакцинацијата ќе расте“,
изјави денеска Сали одговарајќи на новинарски прашања.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, во моментот во земјава во 90 проценти е присутен сојот омикрон, а во 10 проценти делта-сојот.
Боледувањето на оние пациенти што ќе имаат симптоми и по седмиот ден ќе го регулираат матичните лекари, односно доколку имаат симтоматологија на вирусот ќе им се продолжи боледувањето по автоматизам за уште три дена.
„Нашата служба ‘Мој термин’ ги извести сите матични лекари како да се евидентираат овие случаи. Епидемиолошки тие се водат од матичните лекари и на седмиот ден, доколку имаат покачена температура или некоја друга симтоматологија, по автоматизам им се продолжува периодот на самоизолација до три дена. Матичниот лекар го регулира боледувањето“,
вели Сали во врска со случајот вчера кога во еден ден од системот на ковид-заразени беа избришани над пет илјади лица, а бројот на оздравени во еден ден беше над седум илјади.
Во моментот, како што истакна, нема потреба и од отворање на модуларните болници. Денеска е отворен ковид-центарот на Клиниката за неврологија, а од вчера функционира и ковид-центарот на Клиниката за кожни болести.