Во спасувачките акции во погодените подрачја, кои продолжуваат и четири дена по земјотресот, досега се спасени 348 лица
Бројот на загинати во разорниот земјотрес што на 10 август ја погоди Колумбија се искачи на 281, соопштија денеска властите на јужноамериканската држава. Во потресот со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала досега повредени 3 971 лице, а 379 други се водат како исчезнати.

Во спасувачките акции во погодените подрачја, кои продолжуваат и четири дена по земјотресот, досега се спасени 348 лица. Сепак, Националната единица за управување со ризици од катастрофи на Колумбија предупреди дека истекува времето за пронаоѓање на преживеани под урнатините.
Освен жртви, земјотресот предизвика и значителна материјална штета. Уништени се над 10 000 куќи, а оштетени се над 65 000. Пријавени се и штети на 198 патишта, 34 сообраќајни мостови, 12 пешачки мостови и пет аеродроми.
Епицентарот на земјотресот е регистриран во западна Колумбија, но потресот се почувствува во целата држава и во соседните земји на јужноамериканскиот континент – Венецуела, Еквадор и Панама. Геолошката служба на Колумбија го регистрира земјотресот од понеделникот како најсилен во последната деценија во земјата.
