Според најновите податоци, во земјотресите се повредени 16 740 лица, додека 17 907 останаа без своите домови
Бројот на загинати во двата силни земјотреси во Венецуела порасна на 3 889 лица, според податоците што ги објави високиот функционер Хорхе Родригез. Според најновите податоци, во земјотресите се повредени 16 740 лица, додека 17 907 останаа без своите домови.

Панамериканската здравствена организација предупреди на сериозни здравствени ризици што се појавиле по катастрофата. Тие вклучуваат прекини во редовната здравствена заштита, пренатрупани привремени засолништа и недостиг од чиста вода.
Во соработка со венецуелското Министерство за здравство се следи појавата на евентуални респираторни и дигестивни болести особено во засолништата за луѓето кои останаа без своите домови. Се нагласува потребата од обезбедување пристап до вакцини што е еден од главните приоритети, со оглед дека стапката на вакцинација во Венецуела била на ниско ниво и пред земјотресите. Луѓето сместени во повеќе од 80 привремени засолништа се особено изложени на ризик од избувнување на заразни болести.
Здравствениот систем на Венецуела е значително ослабен по долгогодишната економска криза што придонесе за недоволна здравствена заштита веднаш по земјотресот, изјави директорот на одделот за итни здравствени случаи на Панамериканската здравствена организација, Сиро Угарте. Масовното иселување на здравствените работници во последните години, како дел од поширокиот бран емиграција од земјата, дополнително ја отежна состојбата.
„Недостигот на основни здравствени услуги веднаш по земјотресот беше критичен, а здравствените установи што не беа предвидени за згрижување повредени или итни пациенти мораше да бидат прилагодени за таа намена ширум Венецуела“,
рече Угарте.

Првиот земјотрес во Венецуела со јачина од 7,2 степени се случи на 24 јуни, на околу двесте километри западно од Каракас. По него следеше втор земјотрес со јачина од 7,5 степени, на оддалеченост од 45 километри, а потоа и серија последователни потреси.
Според податоците на Американскиот геолошки институт, земјотресот со јачина од 7,5 степени беше најсилниот во земјата по повеќе од сто години.
