Новите ограничувања денеска преку јавно обраќање ќе ги соопшти премиерот Борис Џонсон
Главниот експерт и владин советник предвидува до 50 000 новозаразени и над 200 починати дневно
Пабовите, баровите и рестораните низ цела Англија ќе може да работат само до 22 часот, а ќе се поттикнува работа од дома за сите чии работни обврски тоа го дозволуваат.
Ова се дел од новите рестриктивни мерки што денеска напладне во обраќање до јавноста, кое ќе се пренесува во живо, ќе ги соопшти британскиот премиер Борис Џонсон. Мерките ќе стапат во сила од четврток.
Причина за новите ограничувања е драматичниот пораст на бројот на заразени со ковид во земјата.
„Овие чекори се апсолутно неопходни затоа што стапката на инфекција се зголемува, бројот на пациенти во болниците се зголемува и мора да се дејствува“,
изјави министерот Мајкл Гроув за Скај њуз во пресрет на обраќањето на Џонсон.
Рестрикциите, кои најмногу ќе се однесуваат на угостителските објекти, следуваат откако здравствените власти го подигнаа нивото на тревога од ковид-19, од трето на четврто ниво за Англија, Северна Ирска, Шкотска и Велс. Тоа подразбира висок или зголемен степен на пренесување на вирусот што како прв чекор бара одржување на физичко растојание.
Претставниците на услужните дејности, кои најмногу ќе бидат погодени од мерката за ограничување на работното време, сепак сметаат дека е добро што не се воведува целосен карантин, иако Владата не исклучи таква можност за жариштата на заразата.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, за Скај Њуз изјави дека тој предлага 15 нови ограничувања во главниот град, меѓу кои задолжително носење маски на повеќе јавни места, забрана за одржување свадби и погреби и поттикнување на работата од дома.
Засега нема ограничувања на дружењата меѓу различни семејства, но и тоа е опција доколку состојбата не се подобри. За Северна Ирска ќе се воведе забрана за дружење меѓу различни семејства, а за Велс ќе има локални ограничувања.
Вознемирувачко предупредување од главниот експерт
Патрик Валас, главниот експерт и владин советник, на брифингот на владиниот кабинет изнесе шокантно предупредување дека доколку не се преземат мерки за намалување на актуелната стапка на зараза, во Британија ќе има и до 50 000 случаи на новозаразени дневно и по над 200 починати.
Британија е на 14 место на листата на „Ворлдометерс“ по бројот на заразени со речиси 400 000 случаи на заразени досега и над 41 000 починати.
Вчера бројот на заразени во еден ден достигна 4 368, што е скок од 3 899 случаи кои беа регистрирани еден ден претходно.
Проценката е дека во моментов во Британија има 70 000 активни случаи и дека бројката на дневно заразени е околу 6 000.
Валас го отфрли тврдењето дека зголемениот број регистрирани случаи е резултат на поголемиот број тестирања, објаснувајќи го со тоа што процентот на позитивни тестови се се поголем. Исто така, тој негира дека вирусот сега е послаб отколку во април на што укажува неговото ширење
Неговата проценка е дека нешто помалку од 8 отсто од населението е заразено, додека во Лондон тој процент е околу 17.
Тој предлага сериозни рестриктивни мерки, кои ќе бидат во сила во следните шест месеци, бидејќи неговото предвидување е дека некои вакцини ќе може да бидат достапни пред крајот на годината, но во мали количини и за одредени групи, додека за останатите тоа најверојатно ќе биде првата половина од следната година.