Доскорешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ вели дека е убеден дека проблемите меѓу двете земји не се нерешливи
За да има наша поддршка за РСМ, бугарското малцинство мора да биде внесено во Уставот на С Македонија, рече поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, на средба со претставници на бугарските организации во Македонија.
„Северна Македонија нема поблизок пријател од Бугарија. Треба да најдеме начин да ги поправиме нашите односи. Целиот демократски свет ѝ се смее на нашата лоша дипломатија. За нас е важно Северна Македонија да влезе во ЕУ“,
додаде тој.
Борисов вели дека е убеден дека проблемите меѓу двете земји не се нерешливи, сè додека има волја од двете страни и им порача на претставниците на бугарските организации во Македонија дека тие се мостот за пријателство.
Претставниците на бугарските организации побараа од Борисов да се решат прашањата за човековите права и велат дека имаат право да бидат бугарофили, но нагласуваат дека во Македонија се третирани како да не постојат.
Борисов на средбата се осврна и на актуелната политичка ситуација во Бугарија и вели дека земјата, поради политиката на претседателот Румен Радев, сега се наоѓа во изолација.
„Бугарија повлекува по половина милијарда неделно – тоа се само долгови! Бевме пример на Балканот. Сега болниците ни се преполни – се случи сè лошо што можеше да се случи“,
изјави поранешниот бугарски премиер.