Уставот се отвора кога се пристапува кон ЕУ, изјави премиерот Зоран Заев денес од Шуто Оризари, одговарајќи на прашање дали Бугарите ќе бидат вметнати во нашиот Устав.
„Уште пред неколку години се отвори ваква дебата на барање на Хрватите во државата, но и на Црногорците. Го следиме примерот на сите европски земји, ја кажувам една Хрватска, на моментот на пристапување кон ЕУ се отвора Уставот, затоа што мора да се смени заради сојузништвото и заедничкиот дел со земјите-членки на ЕУ. И тогаш се вградуваат и помалку бројните етнички заедници кои живеат во нашата држава, а не се вградени. Ние немаме никакви предрасуди, ако некој бара утре тоа да го направиме и да сакаме не можеме, две третини немаме, ниту треба, но јавно го кажуваме затоа што и Бугарите и Хрватите и Црногорците и Египќаните и многу други етнички заедници, ќе бидат вградени во нашиот Устав во очи на пристапувањето за членство во ЕУ“,
кажа Заев.
На новинарско прашање дека доколку бидат внесени Бугарите во македонскиот Устав, дали ќе се бара реципроцитет односно вметнување на Македонците во бугарскиот Устав, со оглед на тоа дека има и Македонци во Бугарија, Заев рече дека тоа е право на Бугарија и оти мешање во внатрешни работи на соседна земја не е порака на пријателство.
„Тоа е право на Бугарија. Секојпат е убаво да се има реципроцитет, но мешањето во внатрешни работи на соседните земји не е порака на пријателство. Тоа останува на нив. Јас го кажувам како наша потреба, а не заради тоа што Бугарија бара. Реков, пред две-три години е отворено ова. хрватската заедница го отвори, го отвори црногорската заедница, имаат реална потреба, тие се наши граѓани, роднини овде, живеат овде. И покрај заедниците кои сега ги имаме Македонците, Албанците, Ромите, Турците, Власите, Бошњаците, Србите и другите заедници се родени овде, татковци, дедовци се родени овде, децата се раѓаат овде, друга татковина немаме и едноставно еднаквоста и во уставотворноста на државата треба да ја имаме во предвид. И тоа уште еднаш потенцирам е заради нас, не заради тоа што Хрватска бара, или Црна Гора или Бугарија или кој било“,
одговори Заев.
Во петокот вршителот на должност шеф на бугарската дипломатија Светлан Стоев изјави дека Министерството за надворешни работи би сакало Бугарите во Северна Македонија да бидат впишани во Уставот на земјата заедно со останатите наброени народи во него.