На мандатарот сега ќе му бидат потребни повеќе од 89 гласа во бугарскиот парламент и поддршка од повеќе политички сили за избор на предложениот кабинет, така што повторно се става во оптек опцијата за „трети избори“
Повторно се зголемува политичката неизвесност во Бугарија околу изборот на нова влада, откако, по неодамнешните втори по ред парламентарни избори, претседателот Румен Радев му го даде мандатот на пратеникот Пламен Николов од партијата „Има таков народ“, на Слави Трифонов.
До неодамна владејачката партија ГЕРБ, според последните информации, нема да поддржи влада на „Има таков народ“, ниту со пад на кворумот, ниту на кој било друг начин.
„Ние ќе влеземе во салата и ќе гласаме против “,
изјави денеска поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, за софиски „Дневник“.
Борисов изјави дека го свикува извршниот комитет на партијата во 10 часот за да донесе формална одлука.
Како што се посочува во написот на „Дневник“, доколку одлуката се објави јавно, тоа значи дека другите политички формации ќе знаат пред разговорите со „Има таков народ“ каква ќе биде, како што ја нарекуваат, „аритметика“ за избор на влада.
Иако во саботата изјави дека ГЕРБ може да ја напушти пленарната сала во бугарскиот парламент за време на гласањето на предложениот состав на новата влада, вчера Борисов најави дека конечната одлука ќе биде донесеа денеска и дека најверојатно ќе им сугерира на сопартијците да не го поддржат предлог-кабинетот на „Има таков народ“.
Во случај пратениците на ГЕРБ да излезат од салата, тоа ќе го намали кворумот и владата може да биде избрана од 89 пратеници, за што би биле доволни гласовите на „Има таков народ“ и на БСП. Ако партијата остане на гласањето, изборот на кабинет ќе бара повеќе гласови – до 121, во зависност од тоа колку пратеници ќе бидат присутни во салата.
Демократска Бугарија“, „Стани БГ“ и “Доаѓаме“ чекаат да ги видат предлозите за составот на владата и дали ќе има некаква програма, за да одлучат како ќе настапат.
Во изјавата за „Дневник“, Борисов коментира дека неговата партија не ги заслужува навредите што се истураат против неа, со постојано повторување „без ГЕРБ“. Тој ја оценува политичката ситуација како „врв на напнатост и војна“ помеѓу „Има таков народ“ и „Демократска Бугарија“, што му давало причина да верува дека во одреден момент може некако да помогне да се избегнат брзи избори.
„Да ми се јавеше Слави Трифонов за да ми каже ‘колега, ми требаат гласови, ајде да одлучиме како да избегнеме брзи избори, кои никој не знае што ќе променат’, би размислил, но сега само ќе одбијам“,
вели поранешниот премиер на Бугарија и лидер на ГЕРБ – единствената политичка сила во земјата што „Има таков народ“ не ја покани на какви било разговори.
И пред Борисов да ја соопшти новата одлука во врска со гласањето на ГЕРБ, дел од политиколозите во Бугарија излегоа со ставиви дека „Има таков народ“ нема да може да формира влада без поддршка од „Демократска Бугарија“ со која деновиве демонстрира големи недоразбирања на јавна сцена, така што е можно да се оди на нови парламентарни избори – трети по ред.
Лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов, пред неколку дена категорично изјави дека дека неговата партија нема да прифати да ѝ се поставуваат услови и да ѝ се нудат министри. Како што рече, тие ќе кажат кои се нивните кандидати за влада, предводена од Пламен Николов, ќе му ги претстават на претседателот Румен Радев, а тој ќе го достави предлог-кабинетот во парламентот. Според Трифонов, доколку добијат поддршка во парламентот ќе владеат, ако не не се плашат од нови избори.