Дел од политиколозите во Бугарија сметаат дека ИТН нема да може да формира влада без поддршка од „Демократска Бугарија“ со која деновиве демонстрира големи недоразбирања на јавна сцена. Последните пораки, сметаат аналитичарите, се подготовка на гласачите за нови избори
Бугарија годинава по трет пат ќе гласа на парламентарни избори. Ова е најизвесното сценарио кое го предвидуваат дел од бугарските политички аналитичари, по последниот развој на настаните во кои наместо да дојде до доближување на ставовите, се продлабочи јазот помеѓу „Има таков народ“ (ИТН), која победи на последните избори, и „Демократска Бугарија“, која е четврта политичка сила во парламентот, но без која тешко би се формирала влада.
Синоќешното интервју на лидерот на ИТН, Слави Тирфонов, во кое тој со остри тонови ги критикуваше изјавите на копретседателот на „Демократска Бугарија“, Христо Иванов, и порача дека нема да прифати условување, според политикологот Антониј Галабов, не е порака до Иванов и неговата партија, туку Трифонов ги подготвува своите гласачи за нови предвремени избори.
Галабов смета дека ИТН очекува на новите избори да добие повеќе гласови и да освои повеќе пратенички мандати, а сега се обидува одговорноста за неформирање влада да ја префрли на другите партии.
„Наместо да видиме некаква конвергенција на позициите, ние го гледаме сосема спротивното. Она што загрижува уште повеќе е што онаму каде има сличности, тие се во смисла на законодавната програма, а не за владина програма“,
додава Галабов за бугарската Нова ТВ.
Нови парламентарни избори се најверојатното сценарио и за аналитичарот Петар Чолаков. Тој посочува дека комуникацијата помеѓу ИТН и „Демократска Бугарија“ многу се заострила и ја потенцира јасната порака од Трифонов дека не мора да формира влада со поддршка од сите протестни партии, група во која со ИТН спаѓаат и „Демократска Бугарија“ и „Исправи се!“.
„Таквото сценарио е кошмар за нив, пред јавноста излегува дека се договориле со ГЕРБ за играта со кворум. Ова сценарио е самоубиствено за нив. Тие не би постигнале никаква согласност и со партијата ДПС“,
вели Чолаков, додавајќи дека Трифонов нема да успее да формира влада без поддршка од „Демократска Бугарија“.
ИТН за мандатар го номинираше пратеникот Пламен Николов, кој на 30 јули го зеде мандатот од бугарскиот претседател Румен Радев. На партијата ѝ преостануваат уште четири дена за консултации.
На изборите на 11 јули годинава, ИТН предводена од Трифонов обезбеди 65 пратенички места од вкупно 240 во бугарскиот парламент. Од останатите две партии кои произлегоа од протестите, „Демократска Бугарија“ освои 34, а „Исправи се!“ стигна до 13 места. Бугарската социјалистичка партија (БСП), која, исто така, е во комбинација за поддршка на владата на ИТН, има 36.
Владата во Бугарија се смета дека е избрана ако за неа гласале мнозинство од присутните на седницата што значи дека е можен избор и без поддршка од апсолутно мнозинство, односно од најмалку 121 пратеник. Сепак, за стабилно владеење, носење закони и други одлуки, неопходно е владата да може да смета на поддршка од мнозинство од вкупниот број пратеници.
Тоа значи дека без „Демократска Бугарија“ владата на ИТН би немала поддршка од 121 пратеник. Засега, ниту од едната ниту од другата партија нема сигнали дека би можеле да соработуваат. Во последните јавни прозивки, Иванов од „Демократска Бугарија“ обвини дека начинот на кој се носат одлуки во ИТН, со концентрирање на моќта околу лидерот Трифонов, е идентичен на манирите со кои владееше Бојко Борисов. Тој изрази и недоверба во подготвеноста на мандатарот од редовите на ИТН, Пламен Николов, да предводи влада на промени.
Трифонов, пак, возврати дека не прифаќа условувања и најави дека ИТН ќе каже кои се кандидати за министри во владата на мандатарот Пламен Николов, ќе ги претстави пред претседателот Радев кој потоа ќе го поднесе предлогот во парламентот. Ако добијат поддршка, рече Трифонов, ќе владеат, ако не, тогаш не се плашат од нови избори.