Иванов, кој е еден од потенцијалните партнери во евентуалната влада на ИТН, вели дека се подготвени да дадат поддршка, но само ако станува збор за силна реформска влада
Додека бугарската јавност е во исчекување дали победничката партија на изборите „Има таков народ“ (ИТН) ќе успее да формира влада, ко-претседателот на „Демократска Бугарија“, Христо Иванов, еден од потенцијалните владини партнери, излезе во јавноста со критика за однесувањето на ИТН и нејзиниот лидер, Слави Трифонов.
Иванов порачува дека нема да даде безрезервна поддршка и оти не се плаши од нови избори. Тој прави паралела помеѓу Трифонов и поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов.
Според него, стилот на одлучување во ИТН е сличен со владеењето на Борисов во кое целата моќ била концентрирана околу едно лице, институциите биле испразнети од содржина односно во нив не се носеле одлуки, а луѓето се претвориле во марионети. Тоа, нагласува Христов, е она што доведе до недостаток на контрола на институциите и, на крајот, до корупција во времето на Борисов.
„Постои центар на одлучување околу Слави Трифонов, тоа е политика надвор од институциите. Никој од наводните поддржувачи не разговара со него, тоа е црна кутија. Овој центар нуди премиер кој не ги исполнува објективните очекувања за оваа функција. Очекувавме личност која може да го води процесот на трансформација и во еден момент добиваме црна кутија околу Слави Трифонов“,
вели Иванов.
Тој вели дека „Демократска Бугарија“ ќе почека да види дали ИТН ќе го промени однесувањето, дали сите други ќе бидат ставени пред свршен чин или, сепак, ќе се даде можност да се изгради некакво партнерство.
„Не се плашиме од предвремени избори или од изолација“,
порачува Иванов.
Неговата партија, според изјавата, е подготвена да даде поддршка, но само за силна реформска влада.
„Не само програма што ќе биде ставена на хартија во еден момент, туку и тим што може да ја спроведе и да има лидер на кого од првиот ден може да му се верува дека може да ја води трансформацијата“,
вели Иванов.
Тој го критикува и изборот на ИТН, Пламен Николов да биде мандатар за составување влада, велејќи дека најдоброто што може да се каже е дека, според неговата биографија, тој не ги оправдува очекувањата за трансформирација.
„Не можеме да си дозволиме во ваква ситуација да влеземе во нечиј режим и само да му дадеме шанса“,
вели Иванов.