Меѓу вакцините кои ќе се произведуваат ќе бидат и тие против коронавирусот. Од соседните земји, неодамна и Србија најави дека ќе ги произведува руската „Спутник В“ и кинеската „Синофарм“
За неколку месеци во Бугарија ќе има фабрика за вакцини, најави бугарскиот премиер Бојко Борисов за време на неговата посета на Разград, пренесува БГНЕС.
Фабриката е во изградба, треба да биде готова за три месеци, а инвестицијата е вредна 120 милиони евра.
„Подготвени сме да започнеме со произведеме на вакцини. За 16 месеци ќе произведуваме стотици милиони вакцини и ќе спасиме стотици милиони живот“,
изјавил Борисов додавајќи дека за инвестицијата ја известил и Европската комисија (ЕК).
БНТ пренесува дека фабриката е на компанијата „Биовет“, а во неа ќе се произведуваат и вакцини против ковид-19. Исто така, ќе се произведуваат и други вакцини, како и вакцини за ветеринарна употреба.
Ваквата најава Борисов ја дава и во пресрет на парламентарните избори кои во Бугарија треба да се одржат на 4 април.
Покрај Бугарија, од соседните земји и Србија неодамна најави дека ќе произведува вакцини против ковид-19. Една во рамки на државниот Институт Торлак, каде ќе се произведува руската „Спутник В“, додека за производство на кинеската „Синофарм“ властите најавија гринфилд инвестиција.
„Тоа ќе биде целосна гринфилд инвестиција, нова фабрика за вакцини која ќе ја градиме заедно со Емиратите и Кинезите во Србија. Со производство тргнуваме веќе од 15 октомври“,
рече Вучиќ за РТС на 11 март.