Тој нагласува дека Белград се согласил да престане да издава регистарски таблички, а Приштина се обврзала да престане да ја применува казнената мерка што ја најави
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска изјави дека е задоволен од договорот за регистарските таблички што беше постигнат вчера во Брисел, бидејќи тоа ќе помогне да се надмине кризата и дека сега во фокусот на разговорите може да биде „нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина“.
„Вчера, кога слетав во Барселона, можев да споделам дека договорот е постигнат благодарение на посредништвото на ЕУ и мојот претставник кој ги предводеше разговорите“,
рече Борел на прес-конференцијата по седмиот Регионален форум на Унијата за Медитеранот.
Тој посочува дека Белград и Приштина го прифатиле предлогот што ќе помогне да се надмине кризата.
„Сега конечно можеме да се фокусираме на она што е најважно, а тоа е воспоставување на нормални односи меѓу Белград и Приштина“,
рече високиот претставник на ЕУ.
Тој нагласува дека Белград се согласил да престане да издава регистарски таблички, а Приштина се обврзала да престане да ја применува казнената мерка што ја најави.
„Мислам дека предлогот е разумен. Двете страни рекоа дека она што беше потпишано претходно ќе се спроведе“,
посочи Борел.
Тој додава дека е договорено продолжување на разговорите во Брисел за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
„Мислам дека ова е многу важен договор и дека ја спречува опасноста од избувнување на друга криза што можеше да предизвика ескалација на насилството на северот на Косово и Метохија“,
рече Борел.
Тој изрази надеж дека со поддршка на меѓународната заедница ќе продолжат дискусиите за предлогот, кој има целосна поддршка од Германија и Франција, за да се постигне трајно решение во односите меѓу Белград и Приштина.
Вчера и САД го поздравија договорот меѓу Белград и Приштина во врска со спорот за регистарските таблички на северот на Косово.