Борел изразува подготвеност да ги покани српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел со цел да се постигне решение за таблиците
Високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел предупреди дека решението за таблиците на Косово треба да се донесе пред 21 ноември.
„Не смееме да го чекаме тој датум без договор“,
предупреди Борел на прес-конференцијата на крајот од состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија (ЕУ), на кој се разговараше и за тензиите меѓу Косово и Србија.
Борел изрази подготвеност да ги покани српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел со цел да се постигне решение за таблиците.
Според Борел, евентуалната средба на лидерите ќе зависи од исходот од средбата на главните преговарачи кои во наредните денови ќе престојуваат во Брисел.
Борел, исто така, се осврна на напуштањето на полициските и судските институции од страна на српската заедница на северот на Косово.
„Ова создаде вакуум на северот на Косово, овој вакуум е најлошото нешто што може да се случи, двете страни мораат да покажат флексибилност, потребен ни е јасен напредок“,
рече Борел, повикувајќи го Косово да покаже флексибилност за регистарските таблици и за етаблирањето на Заедницата на српски општини.
Тој оцени дека ова е „најсериозната криза од 2013 година“ и побара од партиите да се ангажираат за да се смират тензиите.
Односите меѓу Србија и Косово денеска беа во фокусот на дискусијата посветена на можностите во Западен Балкан, на средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Борел потврди дека доставил предлог до Србија и Косово за решавање на кризата.
„Мораме да најдеме излез од оваа криза. Дадовме предлог за излез од кризата, тие треба да го разгледаат. Работиме на добро решение“,
рече Борел пред состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.
Шефот на ЕУ дипломатијата најави дека уште вечерва почнуваат нови консултации со двете страни во дијалогот Белград-Приштина.