Борел го повторил својот повик до напаѓачите веднаш да се предадат и да ги ослободат верниците во манастирот Бањска за тие да можат безбедно да заминат
По денешниот грозоморен и кукавички терористички напад врз полицајците на Косово, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел разговараше со премиерот Албин Курти, се наведува во соопштението од канцеларијата на Борел.
Во соопштението се додава дека тој најостро ја осудил денешната агресија и изразил сочувство до семејството, колегите и најблиските на полицаецот кој го загуби животот за време на службената должност, а на повредените полицајци им посакал брзо закрепнување.
Од канцеларијата на Борел информираат дека тој разговарал и со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Борел го повторил својот повик до напаѓачите веднаш да се предадат и да ги ослободат верниците во манастирот Бањска за тие да можат безбедно да заминат. Тој повика на враќање на мирот и стабилноста.
„ЕУЛЕКС ја следи ситуацијата на терен и е подготвен да ги поддржи косовските институции во одржувањето на стабилноста и безбедноста на сите нејзини заедници, во согласност со неговиот мандат и во тесна координација со КФОР на НАТО. Специјалниот претставник на ЕУ за Косово на терен е во близок контакт со властите“,
се додава во соопштението.