„Памет се набива, Томиславе, на умен човек. На прост човек к.. се набива!“. Оваа реченица е само дел од „речникот“ на бугарскиот премиер Бојко Борисов во јавно објавената „бомба“ за шефот на владата во Софија
Повеќе од три недели се протистира во главниот град на Бугарија, Софија, против премиерот Бојко Борисов, неговата влада и јавниот обвинител. Синоќа во земјата се одржаа најмасовните антивладини протести во повеќе градови. Од денеска, пак, демонстрантите почнаа да применуваат и тактики веќе видени кај нас – блокираат крстосници.
Јавниот израз на незадоволство, кој почна откако бугарското јавно обвинителство изврши претрес на кабинетот на претседателот Румен Радев и уапси двајца негови соработници, денеска доби ново „гориво“. Во јавноста се објавени „бомби“ од премиерот и лут ривал на Радев, Бојко Борисов. Изворот е интернет сајт од Варна.
Во аудио материјалот (подолу), може да се слушне бугарскиот премиер како говори за актуелни состојби. Нема коруптивни елементи, но тој е исклучително вулгарен.
Меѓу фразите кои ги користи се:
- „Памет се набива, Томиславе, на умен човек. На прост човек к.. се набива!“
- „Само кога си опкружен со тапанари ниту може да се прави политика, ниту да се говори вистината и да прават реформи“
- „Ес класа довел на протести. Па таа арчи дваесет литри на сто километри бензин бе.. арчи триесет на сто во Бургас… и тој ми протестира за цена на горива“
На кратко, Борисов во разговорот го критикува претседателот Радев дека тој стои зад протестите и дека на нив не доаѓаат сиромашни туку политички инструирани. Смета и дека со опозицијата не може да се разговара.
Борисов се обиде да го смири незадоволството во јавноста со реконструкција на владата. Но, засега, тоа не даде резултат. Меѓу формите за комуникација кон јавноста го користи и својот Фејсбук профил. На пример, вчера додека вози автомобил објаснуваше колку е изградено за време на неговите влади.
Претседателот Румен Радев не е импресиониран од чекорите на Борисов и понатаму бара оставка од владата.