Јовановски во писмото ја повикува Агелер во најкус можен рок да го посети во затворот „Идризово“, со цел, како што вели, со неа да сподели важни и сензитивни информации со кои располага, а се директно поврзани со коруптивни дејствија на поединци и криминал поврзан со лица од највисоки државни структури
Бојан Јовановски, познат како Боки 13, кој во затворот „Идризово“ издржува деветгодишна казна за случајот „Рекет“, испратил писмо до американската амбасадорка во земјава, Анџела Прајс Агелер, во кое тој ја известува за, како што вели, незаконското постапување на Основниот суд и обвинува за фалсификување на судското решение со кое не му се дозволува прекин на издржувањето на затворската казна поради неговата влошена здравствена состојба.

Во писмото до Агелер, Јовановски посочува дека се соочува со сериозна тортура и криминално постапување од страна на судските власти и затоа, како што вели, чувствува потреба да ја извести амбасадорката за реалната состојба во правосудниот систем во земјава.
„Со оглед на вашата императивна заложба за владеење на правото во нашата држава, чувствувам за должност да ви ги приложам следните документи од кои неспорно ќе можете да утврдите тенденциозно и незаконито постапување од страна на Судот и поигрување со човечки живот, особено важно што мојата здравствена состојба е со животозагрозувачки карактер, согласно сите медицински докази кои ви ги доставувам во овој писмен поднесок заедно со судските одлуки од каде неспорно ќе можете да ја утврдите селективноста и незаконитото постапување на Судот, дотолку повеќе што за ова судско решение изразувам основано сомневања дека е фалсификувано и антидатирано, за кое сомневање иницирав постапки пред надлежните правосудни органи“,
пишува Јовановски во писмото испратено до американската амбасадорка.
Јовановски во писмото ја повикува Агелер во најкус можен рок да го посети во затворот „Идризово“, со цел, како што вели, со неа да сподели важни и сензитивни информации со кои располага, а се директно поврзани со коруптивни дејствија на поединци и криминал поврзан со лица од највисоки државни структури.
„Во тоа име, ве молам за заштита од ваша страна бидејќи се соочувам со реални закани по мојот живот, особено поради тоа што инволвираните лица поседуваат реална моќ и влијание“,
се додава во писмото што Јовановски го испратил до Амбасадата на САД во земјава.
Во петокот Јовановски испрати допис до медиумите во кој тој тврди дека врз него се врши тортура од страна на Основниот кривичен суд Скопје, каде што имал поднесено барање за прекин на издржување на затворската казна поради влошена здравствена состојба од животозагрозувачки карактер.
Во дописот до медиумите преку неговите адвокати тој вели дека наместо законита одлука темелена на докази добил судско решение за кое изразува сомнеж дека е фалсификувано и антидатирано по директна наредба на претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев.
Ваквите обвинувања од Судот ги оценија како неосновани и манипулативни и посочија дека станува збор за неправосилно решение на кое странките поднеле жалба по која сè уште не е одлучено.
За решението за кое Јовановски тврди дека е фалсификувано, пак, од Судот велат дека тоа било донесено од судијата Ставрев, но бидејќи тој заминал на боледување, било потпишано од вториот судија во одделот – Бранка Наумоска, согласно судската пракса и правното мислење на Врховниот суд.
Во меѓувреме, Јовановски преку својот правен тим викендов поднел допис до Судскиот совет со кој бара вонреден надзор на системот за прераспределба и управување со судските предмети – АКМИС. Воедно тој од Судскиот совет бара ревизија на сите судски решенија во врска со неговите барања за прекин на извршувањето на затворската казна.