Според Јовановски, судското решение со датум од 31 јануари 2023 година не било потпишано од покојниот судија Огнен Ставрев, кој почина на 4 февруари, бидејќи, како што тврди повикувајќи се на решението, на него имало потпис со апостроф кој не коинцидирал со потписот на покојниот судија
Во врска со тврдењата и обвинувањата на Јовановски, „360 степени“ побара став од Основниот кривичен суд Скопје од каде што најавија дека за кратко време ќе објават соопштение
Бојан Јовановски познат како Боки 13, кој во затворот „Идризово“ издржува деветгодишна казна за случајот „Рекет“, денеска преку писмено соопштение излезе со тврдења дека врз него се врши, како што вели, незапаметена тортура од страна на Основниот кривичен суд Скопје каде што имал поднесено барање за прекин на издржување на затворската казна поради влошена здравствена состојба од животозагрозувачки карактер.

Во дописот до медиумите преку неговите адвокати тој вели дека наместо законита одлука темелена на докази добил судско решение за кое изразува сомнеж дека е фалсификувано и антидатирано по директна наредба на претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев.
Според Јовановски, судското решение со датум од 31 јануари 2023 година не било потпишано од покојниот судија Огнен Ставрев, кој почина на 4 февруари, бидејќи, како што тврди повикувајќи се на решението, на него имало потпис со апостроф кој не коинцидирал со потписот на покојниот судија.
„Оттука се наметнува и прашањето поради кои причини судијата кој бил на работа до 03.02.2023 година пред да почине на 04.02.2023 година не го потпишал решението кое го донел и заради кои причини веднаш не го верифицирал истото во АКМИС согласно закон и судскиот деловник за работа, а важно за напомена е дека покојниот судија се до 03.02.2023 година беше во активна и секојдневна комуникација со мојот бранител м-р Владимир Туфеџиќ, во врска со постапката и тој примаше дополненија на барањето и нови докази сè до 03.02.2023 за кој поседуваме докази со приемен печат од судот, ова е надвор од здрава логика!“,
наведува Јовановски во соопштението до јавноста.

Во прилог на соопштението Јовановски го доставува Решението ПК бр. 18/22 од Основниот кривичен суд со кое му се одбива како неосновано барањето за прекин на издржувањето на затворската казна, неговата жалба на решението и медицинската документација која, како што наведува, е дел од предметот.






За неговите тврдења Јовановски вели дека со посебни барања и иницирани постапки биле известени шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК, Ислам Абази, од кого побарал да биде изведен пред него во итен рок, потоа амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Судскиот совет, Меѓународниот суд за човекови права и други меѓународни и домашни организации.
Во решението со кое се одбива барањето на Јовановски, скопскиот Основен кривичен суд предвид ги зел конзилијарното мислење на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, известувањето на КПУ „Идризово“ и мислењето на ОЈО ГОКК.

Барањето на Јовановски, како што е наведено во решението на судот, се одбива како неосновано бидејќи за препорачаниот хигиено-диететски режим постојат услови тој да се спроведува во затворот.
Во врска со тврдењата и обвинувањата на Јовановски, „360 степени“ побара став од Основниот кривичен суд Скопје од каде што најавија дека за кратко време ќе објават соопштение.
Јовановски во „Идризово“ издржува правосилна затворска казна од девет години за „Рекет“, случај во кој на седум години беше осудена и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.