Јас сум 55 пати носен во болница откако сум во притвор и не сум експериментален глушец за некој да напише едно, друг друго и на крајот обвинителката да констатира дека сум во добра здравствена состојба, реагираше обвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13 на денешното судското рочиште кое се одложи бидејќи не се појавија адвокатите на поранешната специјалната обвинителка Катица Јанева.
Тој рече дека не сака повеќе да оди на испитувања бидејќи досега има многубројни лекарски извештаи.
„Има конкретни специјалистички насоки како треба да се постапи кон мене, но не се постапува. Се чувствувам дискриминиран и маргинализиран“,
рече Јовановски.
И неговиот адвокат Сашко Дуковски во изјава за медиумите зборуваше за здравствената состојба на Јовановски при што рече дека од неколкуте здебелени чирови на желудникот се земени примероци да се испита дали станува збор за можен карцином.
„Имаме известиле каде што се наведува дека треба да се спроведе хигиенски диететски режим. Не може сите лекари да грешат. Ајде вие објаснете како може да се спроведе таков режим во Шутка. Тоа е затвор, не го обвинувам затворот, но тоа не може да се спроведе таму“,
рече адвокатот.
И тој повтори дека неговиот клиент е дискриминирани бидејќи и останатите обвинети во „Рекет“, Катица Јанева и Зоран Милески-Кичеец, кој веќе е осуден по признанието на вина, добија домашен притвор.
Дуковски порача и дека многу лица може кривично да одговараат за третманот кон Јовановски.
„Ако се случи нешто многу лица ќе бидат опфатени со кривични пријави, ова е изживување“,
рече адвокатот посочувајќи дека во неговата кариера не памети случај некој 55 пати да биде носен во болница за 6 месеци.
Поради здравствената состојба, Јовановски повторно ќе бара од Апелацискиот суд во Скопје да му биде укинат притворот во затворот во Шутка. Седницата во второстепениот суд треба да се одржи денеска.
*Поврзана вест: