Првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, на денешното рочиште ја испрашуваше Ана Камчева која претходно сведочеше за средбите со него и парите кои ги барал за поволности на нејзиниот сопруг Орце Камчев осомничен во Империја.
Тој ја прашуваше дали се сеќава на вечерите кои таа му ги приготвувала во нивниот дом, а ја праша и дали таа му давала други подароци.
“Дали добивал други подароци, јасно и е на цела јавност. Добил милион и пол, за какви други подароците зборуваме?”, реагираше со приговор обвинителката Вилма Русковска.
“Тие милион и пол се измислени во вашата глава”, и возврати Боки 13 на Русковска.
Во однос на вечерите во домот на Камчеви, Јовановски праша и дали на нив присуствувал докторот Тони Јосифовски, што Камчева го потврди, појаснувајќи дека тоа било неколку пати.
Јосифовски е предложен за сведок токму од Бојан Јовановски и неговиот адвокат.
Додека ја испрашуваше Боки 13 исто така прокоментира и дека Камчева лаже дека тој во нејзино присуство разговарал со судии, обвинители, луѓе од власта. Во врска со нејзиното тврдење денеска дека Јовановски постојано имал информации за следните чекори на СЈО, Боки побара Камчева да посочи конкретен пример.
“Да, ми кажа дека за два дена ќе биде притворен Сашо Мијалков. Така и се случи”, одговори Камчева.