Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, побара јавно извинување од бизнисменот и поранешен министер за финансии Борис Стојменов, дека општината му барала 1 милион евра мито за да продолжи со градбата на парцелата на поранешната Стоковна куќа „Беко“ (претходно „Скопјанка), пренесе порталот „Либертас“.
„Доколку некој му побарал мито на господинот Стојменов и има докази за тоа, наместо медиумски, Општина Центар го охрабрува случајот да го пријави во Основното јавно обвинителство, кое е надлежно да постапува за предмети од таа проблематика. Од Борис Стојменов бараме јавно извинување за изнесените тенденциозни тврдења за општината и градоначалникот Богдановиќ, во спротивно на истиот ќе му бидат поднесени соодветни пријави, вели градоначалникот Богдановиќ во демантот“,
вели Саша Богдановиќ, градоначалник на општина Центар.
Преписката меѓу првиот човек на општината и бизнисменот доаѓа откако општинскиот инспектор, со асистенција на полицијата, ги прекина градежните работи во строгиот центар на Скопје, на парцелата која се наоѓа во непосредна близина на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и на Министерството за финансии. Според општински власти, Стојменов градел без дозвола и не постапил по претходната забрана и упатства дадени од инспекторатот.
Стојменов, кого ТВ21 успеа да го сними на лице место, обвини дека ова е притисок врз него и дека од општината му барале 1 милион евра мито за да може да гради.