Засега не се размислува Штип да се стави во карантин, но здравствените власти потенцираат дека бројките на заболени растат и дека за надминување на кризата пресудно ќе биде поведението на граѓаните
Граѓаните да избегнуваат поголеми собири, особено во затворен простор, за да се зачува здравствениот капацитет за периодот што следи, апелираше денеска штипскиот градоначалник Благој Бочварски по состанокот со кризниот штаб.
„Денеска донесовме неколку заклучоци и апелираме граѓаните и правните лица да ја почитуваат мерката за носење заштитна опрема. Да се избегнуваат поголеми собири, посебно во затворен простор со цел зачувување на здравствените капацитети во периодот којшто следи. Граѓаните да ја почитуваат мерката за изолација и да даваат точни информации за нивните контакти. Вработените во приватниот сектор каде има болни од ковид-19 да ги испратат вработените на годишен одмор. Да продолжи да функционира ковид-координаторорите и непосредната комуникација на институциите на централно и локално ниво“,
рече градоначалникот.
Капацитетот на Инфективното одделение во Штип во моментов е целосно исполнет и таму лежат 43 пациенти со ковид-19, а 697 се во домашна изолација.
Бочварски апелираше сите да даваат точни податоци за нивните контакти и да ја почитуваат мерката за изолација.
„Апелирам граѓаните да ги почитуваат мерките затоа што само така ќе го зачуваме колективното здравје. Да помогнеме на институциите, на здравствените работници.Со тоа го помагаме и зајакнуваме целиот систем во борба со ковид-19, но го подготвуваме и за идниот период наесен“,
рече Бочварски.
На состанокот на Општинскиот кризен штаб присуствуваше и државниот секретар во Министерството за здравство Владимир Милошев и претставници од Комисијата за заразни болести.
Милошев рече дека во овој момент не се размислува Штип да се стави во карантин, бидејќи вели ширењето на вирусот засега во најголем дел е меѓу познати кластери.
„Следејќи ја епидемиолошката состојба од Штип која во последниот период имаме континуирано висока бројка на нови заболени, како министерство за здравство сме во постојана комуникација со надлежните институции во градот за обезбедување на потребниот кадар за соодветен третман на пациентите. Се надевам дека состојбата нема да ескалира наесен, бидејќи СЗО предупреди на глобално ниво дека ќе следува втор бран. Во овој момент не размислуваме за карантин, се уште најголем дел на трансмисијата е кластерско, со поместување на други институции. Досега беа текстилните фабрики, а сега има и друга институција која во овој момент не можам да ја кажам, но нема широка трансмисија на вирусот“,
рече Милошев.
Тој потсети дека Министерството за здравство има план за отворање на 16 ковид-центри и тие ќе бидат лоцирани во кругот на болниците како монтажни бараки.
Освен за лекување на пациенти болни од вирусот, во нив ќе треба да се обезбеди и опрема за тестирање за ковид-19 за да не мора тестовите да се праќаат во Скопје.