Штипското инфективно одделение ќе ги проширува капацитетите за хоспитализација на пациенти.
Директорот на болницата д-р Ален Георгиев денеска најави дека од септември ќе биде поставена монтажна болница со цел да се амортизира напливот на пациенти со ковид-19, но и со други инфективни заболувања.
„Денес заедно со градоначалникот бевме во обиколка на болницата, каде што од септември планираме да аплицираме да добиеме монтажни бараки бидејќи, покрај коронавирусот, очекуваме грип итн. Целта е да се зголемат капацитетите, ќе има некаде околу 50 дополнителни кревети со овие монтажни објекти. Ќе бидеме во комуникација со локалната самоуправа и Министерството за здравство за од септември да бидеме спремни“,
вели Георгиев.
Во моментов на инфективното одделение во Штип има 54 пациенти со ковид-19. Седуммина од нив се со тешка клиничка слика, а останатите се во стабилна состојба.
Георгиев вели дека доколку дојде до зголемен број на заболени, пациентите ќе се носат во скопските клиники.
Инаку, освен Штип, изградба на ковид-центри се најавени за повеќе општи болници, како подготовка за справување со евентуален есенски бран од пандемијата.
Георгиев апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките со цел да се намали притисокот врз здравствениот систем.
Состојбата со пандемијата со коронавирусот во Штип деновиве се влоши откако се појавија нови кластери во текстилните конфекции.