Директорката на Центарот за јавно здравје вели дека 30 нови случаи се од приватниот скрининг на сопственик на една штипска конфекција, додека другите 30 се исто така работници од четири други штипски конфекции, но и нивни контакти
Со рекордни 60 заразени со коронавирусот Штип се најде денеска на второто место билтенот на Министерството за здравство.
Директорката на Центарот за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова вели дека 30 случаи се од приватниот скрининг на сопственик на една штипска конфекција, додека другите 30 се исто така работници од четири други штипски конфекции, но и нивни контакти со членови на семејствата или пријатели, пренесува МИА.
Димитрова вели дека тимовите на Центарот за јавно здравје денеска направиле 30 епидемиолошки анкети, а на пунктот се земени над 50 брисеви. Повеќето од земените брисеви се контролни, но има и пациенти кои се јавиле преку матичните лекари со симптоми.
Потврдува дека коронавирусот веќе е влезен во Домот за стари лица во Радовиш. Позитивни на вирусот се двајцата вработени и три лица корисници на услугите во овој дом.
Екипа од Центарот за јавно здравје-Штип вчера биле на увид во Домот за стари лица, тестирани се корисниците на услуги, додека сопственикот на домот направил приватен скрининг на вработените. Старите лица кои се зарзени со коронавирусот веќе се хоспитализирани во Штип и во Скопје.