Американскиот државен секретар рече дека зборовите на Путин за нуклеарното оружје се врв на неодговорност и тоа е нешто што го сфаќаат многу сериозно

САД не гледаат дека Русија презема некакви потези што би укажале дека размислува за користење нуклеарно оружје, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен, и покрај изјавите на рускиот претседател Владимир Путин за нивна можна употреба.
„Гледаме многу внимателно за да видиме дали Русија навистина прави нешто што сугерира дека размислува да користи нуклеарно оружје. Досега не сме ја виделе таа да презема таква акција“,
рече Блинкен на прес-конференција во Вашингтон со неговиот канадски колега.
Тој додаде дека зборовите на Путин за нуклеарното оружје се врв на неодговорност и тоа е нешто што го сфаќаат многу сериозно.
Денеска рускиот претседател ја објави руската анексија на дел од Украина, која е најголема во Европа од Втората светска војна. Путин, исто така, вети дека ќе продолжи, како што ја нарекува „специјална воена операција“ во Украина, која почна во февруари.
Во последните недели Путин го предупреди Западот дека Русија ќе ги искористи сите расположливи средства за да ја одбрани руската територија.
Русија го поседува најголемиот нуклеарен арсенал во светот, вклучувајќи нова генерација на хиперсонично оружје и 10 пати повеќе тактичко нуклеарно оружје од Западот.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан изјави дека постои ризик од употреба на нуклеарно оружје, но дека опасноста не е непосредна.
„Постои ризик, со оглед на леснотијата и воинствениот став со кој Путин зборува за тоа Но, бевме многу јасни какви ќе бидат последиците. Во моментов не гледаме никакви индикации за непосредна опасност“,
посочи тој.