ЛГБТИ-правата се човекови права, посочи американскиот државен секретар Ентони Блинкен и ја повика Србија да биде домаќин на меѓународниот настан „Европрајд 2022“ кој оваа година требаше да се одржи во Белград
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја повика Србија да остане доследна на својата првична одлука да биде домаќин на меѓународниот настан „Европрајд 2022“ и да ја одржи парадата.
„Слободата на мирно собирање и изразување се суштински компоненти на здрава демократија. Ја повикуваме Србија да ја обнови својата посветеност и да биде домаќин на ‘Европрајд 2022’. ЛГБТИ+ правата се човекови права“,
напиша Блинкен на Твитер.
Freedoms of peaceful assembly and expression are essential components of a healthy democracy. We urge Serbia to renew its commitment to hosting #EuroPride2022. LGBTQI+ rights are human rights.
— Secretary Antony Blinken (@SecBlinken) August 30, 2022
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изјави дека ќе се почитува одлуката на владата на Србија да не се одржи „Европрајд“, нагласувајќи дека доколку некој собир се забрани , ќе остане забранет.
Тој во изјава за медиумите рече дека настанот нема да се одржи и дека одлуката нема да се менува.
Меѓународниот настан „Европрајд“ секоја година се одржува во различен град, а оваа година требаше да се одржи во главниот град на Србија во текот на септември. Властите во Србија, сепак, се одлучија да го откажат овогодинешниот меѓународниот „Европрајд 2022“, посочувајќи дека нема безбедни услови за негово одржување.
Како одговор на ваквата одлука на државата, организаторите на „Европрајд“ изјавија дека настанот ќе се одржи и им порачаа на надлежните дека немаат право да откажуваат нешто што не го организираат, додавајќи оти забраната за одржување на настанот е противуставна.
И покрај одлуката на српските власти Парадата да биде откажана, на 28 август на белградските улици протестираа неколку илјадници противници на „Европрајд“. Десничарските партии, групи и поединци од Српската православна црква побараа од властите укинување на „Европрајд“.
Според европратеничката Тери Рајндке, од политички аспект „Европрајд“ треба да биде одржан, а на прашањето со какви последици би можела Србија да се соочи доколку не ја одржи Парадата, таа вели оти тоа би имало негативни последици за европската интеграција на земјата, јавува Н1.
Во таа насока, Рајндке додаде дека сите земји кандидати за ЕУ мора да исполнат важни услови.