Црногорскиот бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ излезе со јавна реакција нарекувајќи ги неточни и злонамерни написите објавени во македонските медиуми
Црногорскиот бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ денеска се огласи со отворено писмо по објавената аудиоснимка меѓу него и Зоран Милески-Кичеец, објавена на јутјуб-каналот „Раце лепливи“ пред неколку дена.
Обраќањето на бизнисменот Давидовиќ го пренесуваме во целост:
По повод многу неточни и злонамерни написи објавени во последните денови во одделни медиуми во Република Северна Македонија, имам лична и професионална обврска да ја соопштам вистината во врска со снимениот разговор, кој го имав со бизнисменот Зоран Милевски.
Бизнисменот Зоран Милевски го запознав преку угледен белградски бизнисмен, кон крајот на 2016 година. Милевски ми е препорачан како сериозен деловен човек од Македонија, кој е во можност да ми ја пружи потребната поддршка и логистика, поради што и го ангажирав како консултант, преговарач и посредник, во деловни проекти кои сакав да ги реализирам во Северна Македонија.
Како сопственик на голема површина земјиште во општина Штип, на Брегалница, кое по својата локација е погодно за изградба и работа на мини хидроелектрана и паркови за енергија од ветер, постигнав договор со познати австриски и кинески компании, кои беа подготвени да обезбедат финансиски средства за реализација на овој проект, додека моја обврска, како сопственик на земјиште, беше да обезбедам градежна дозвола и сите останати документи, потребни за реализација на овој проект.
Со оглед дека во конкретниот случај се работеше за проект од повеќемилионска вредност, износот од 300.000 евра на име услуги консалтинг, посредување, логистика и застапување пред надлежните органи во Северна Македонија не беше несразмерен со толку голема вредност на проектот.
Значи, медиумската квалификација дека се работи за мито е премногу насочена и пресметана, бидејќи во овој деловен однос не постои ниту еден елемент што би укажувал, а камоли одредувал наведена исплата како мито и корупција. Сето ова укажува дека некому е само цел деловно да ме дискредитира и да се обиде да ја спречи реализацијата на започнатите деловни проекти во Северна Македонија.
Фактот дека наведените парични средства сум ги исплатил на Зоран Милевски во времето на владата на Никола Груевски, а не во Владата на Зоран Заев, исто така потврдува колку написите се невистинити, а над се со цел и монтирани.
Милевски, и покрај сите ветувања и преземени обврски, не успеа да обезбеди ниту една дозвола, ниту презеде какви било активности за реализација на проектот во општина Штип, единствено што стори за мене е што ми организираше состанок со премиерот Зоран Заев.
Точно е дека на состанокот со премиерот Зоран Заев ги изложив своите планови во врска со изградба на мини хидроелектрана и паркови на енергија на ветер. Меѓутоа, соопштено ми е дека сите концесии за овој вид дејност се по повластени тарифи, веќе доделени, упатувајќи ме кај генералниот секретар на Владата Драги Рашковски да му проверам какви се плановите на Владата за идниот период, врзано за доделување нови концесии.
Меѓутоа, ниту до денешен ден не добив информација која би укажала дека во иднина би можел да очекувам реализација на наведениот проект.
Евидентно е дека Милески не исполнил ниту една преземена обврска, како и дека не сум реализирал ниту еден деловен проект, така што огромните парични средства што ги вложив во недвижности останаа неактивни и заробени во Северна Македонија, поради што не остварив никаква корист, што се укажува дека квалификациите на одредени медиуми, дека во овој случај се работи за мито, се неточни и злонамерни, и само и штетат на оваа држава, бидејќи ова е лоша порака на сите странски инвеститори, кои сакаат да инвестираат во Северна Македонија.