Новиот пакет економски мерки би требало да изнесува од 50 до 60 милиони евра, како директни буџетски импликации, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Вицепремиерот, при денешната посета на скопската компанија „Раде Кончар ТЕП“, одговарајќи на новинарско прашања, рече дека новиот пакет мерки, петти по ред, ќе биде финализиран неделава.
„Ќе има финансиска поддршка за платите, исто како што беше и претходно, затоа што и претходната помош не беше безусловна. И порано требаше да се исполнат одредени услови за помошта да стане неповратна, истиот механизам го користиме и сега. Се разговара за двете опции со синдикатите, стопанските комори и сите други – да се продолжи со поддршката како и досега или таа да се замени со бескаматни кредити. Оваа недела ќе треба заеднички да решиме со сите засегнати страни која е најдобрата мерка, имајќи предвид дека полека заздравуваме и влегуваме во рестарт на економијата“,
изјави Битиќи.
Нагласи дека доделувањето ваучери за граѓаните беше ад хок мерка направена во период на криза и оти со неа беа опфатени речиси 700 илјади граѓани, но додаде дека во сетот мерки што сега се предвидува има мерка за отпис на каматите за заостанатите долгови кои ги имаат граѓаните кон јавните претпријатија на локално или на национално ниво што, како што рече, значи поголема директна помош за граѓаните. Во целиот пакет има повеќе од 20 мерки од кои ќе дојдат доволно средства до тие што се најзагрозени.
„Доколку има потреба, во наредните месеци, ако е потребно, ќе има нови мерки за граѓаните. Никој не е изоставен од мерките бидејќи сите граѓани ни се битни како Влада и ќе бидат опфатени со различните мерки во различните пакети што ги носиме. Како Влада знаеме дека сѐ уште ќе се справуваме со ковид-19 и затоа креиравме програми во ресорните министерства во кои во некои програми ги дополнивме со дополнителни финансиски средства за граѓаните“,
рече Битиќи.