Во колумна за 24инфо.мк, пратеникот од редовите на СДСМ предупредува на авторитарниот наратив дека партијата им дала сè на луѓето, порачувајќи дека политичката организација ја градат членовите со својот труд и интегритет, а не несигурното раководство кое бара безусловна покорност
Во последните денови повторно, како ехо на авторитарно време кое мислев дека е зад нас, се наметна една теза, дека партијата им дала сè на луѓето. Изговорена можеби како порака за лојалност, но доживеана како потсетник дека поединецот треба вечно да биде должен, напиша пратеникот од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи, во колумна за порталот 24инфо.мк.

Битиќи, кој воедно е поранешен потпретседател на партијата, упати и остра критика за внатрепартиските наративи и обидите за дисциплинирање на членовите, притоа отфрлајќи ја тезата дека партијата е таа што создава луѓе. Тој ја отвора суштинската дилема за тоа кој кого издигнува и предупредува дека ваквиот пристап го сведува поединецот на обичен политички производ и го брише неговиот личен труд и интегритет.
„Угледот на партијата не е дело на неколкумина што во одреден момент се нашле на раководни позиции. Тој е изграден од илјадници членови, активисти и симпатизери кои стоеле зад секоја победа, секоја кампања, секој освоен глас и секој тежок период, често без да побараат нешто за себе. Партијата не се гради во еден кабинет. Ја издигнуваат луѓето што лепеле плакати на дожд, што разговарале со граѓани кога било најтешко и што ја бранеле идејата и тогаш кога таа не носела функција, а носела товар“,
пишува тој.
Поранешниот висок функционер смета дека е длабоко недемократски нечија вредност да се мери само низ призмата на партиската листа и предупредува дека функциите не смеат да се третираат како подарок кој бара вечна благодарност, потенцирајќи дека ниту еден мандат не е милостина од партијата, туку тој доаѓа од граѓаните кои всушност го даваат политичкиот легитимитет. Битиќи вели и дека историјата покажува оти партиите почнуваат да слабеат токму тогаш кога ќе поверуваат дека членовите постојат заради нив, кога критичката мисла се заменува со безусловна лојалност, а различното мислење се доживува како предавство.
„Силните партии не се плашат од силни личности, затоа што знаат дека политичката организација расте кога во неа има луѓе со став, интегритет и сопствен кредибилитет. Таквите луѓе не ја ослабуваат партијата, напротив, ѝ даваат тежина, препознатливост и виталност. Несигурното раководство, пак, секоја индивидуалност ја гледа како ризик, секој автономен став како непослушност, а секој личен придонес се обидува да го претстави како долг кон структурата“,
рече Битиќи.
