„Сакам да поставам и дополнително прашање до Владата и министерката Кочоска: дали со објавата на Фејсбук веќе ја најави и следната должничка епизода од околу 350 милиони евра за остатокот од еврообврзницата што треба да се сервисира во јуни? Тоа се нови 350 милиони евра на грбот на народот“, рече пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања
Битиќи вчера ја повика министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска да додје на денешната седница на која на дневен ред се документи на Финансии. Таа денеска не беше меѓу пратениците во пленарната сала, на што реагираа од опозицискиот СДСМ. Отсуството на министерката го оправда нејзиниот сопартиец и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој рече дека Димитриеска-Кочоска е на службено патување во Словенија, кое било планирано пред еден месец, што, како што кажа, го знае и опозицијата
Пратеникот од редовите на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, денеска на прес-конференција во Собранието предупреди дека новото задолжување на Владата од 260 милион евра ќе чини многу поскапо бидејќи, како што наведе, само за камати државата ќе плати помеѓу 58 и 64 милиони евра.

Битиќи прес-конференцијата ја одржа непосредно пред почетокот на денешната 102. седница на законодавниот дом, на која меѓу точките на дневен ред е и Фискалната стратегија 2027-2031.
Во однос на заемот, пратеникот посочи дека цената на, како што го нарече, ваквото скапо задолжување граѓаните ќе ја платат уште пред да се почувстува каков било економски ефект.
„Според актуелниот шестмесечен ЕУРИБОР од 2,562% и договорената маржа од 2,10 процентни поени, овој заем во моментот би чинел околу 4,66% годишно. Во зависност од конечниот распоред на отплата, државата би платила приближно меѓу 58 и 64 милиони евра само за камати, а со еднократниот надоместок од 3,64 милиони евра, директниот финансиски товар се движи од 61 до 67 милиони евра, без дополнителните агенциски и други трошоци. Ова е реалната цена што граѓаните ќе ја платат уште пред да почувствуваат било каков економски ефект“,
рече Битиќи.
Истовремено, пратеникот на СДСМ кажа дека парите од новото задолжување нема да бидат искористени за подобрување на животниот стандард на граѓаните, туку за, како што ги нарече, криминалните тендери на Владата.
„Најстрашно е што овие пари не одат кај граѓаните, не одат за повисок стандард, туку за партиски тендери, омилени фирми и луксузирање на власта. Затоа СДСМ, како што најави, ќе се спротивстави на ова задолжување“,
рече пратеникот.
Како што најави вчера во објава на Фејсбук, Битиќи побара од премиерот Христијан Мицкоски и од министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска да одоговорат дали подготвуваат ново задолжуавње од околу 350 милиони евра, што, додаде, ќе значи нова должничка епизода.
„Сакам да поставам и дополнително прашање до Владата и министерката Кочоска: дали со објавата на Фејсбук веќе ја најави и следната должничка епизода од околу 350 милиони евра за остатокот од еврообврзницата што треба да се сервисира во јуни? Тоа се нови 350 милиони евра на грбот на народот“,
рече пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања.
Во тој контекст, Битиќи ја обвини Владата дека иако постојано зборува за економска стабилност, во пракса, секој месец отвора простор за нови задолжувања.
„Владата зборува за економска стабилност, а секој месец тропа на нова врата за задолжување. Снемува пари во Буџетот. Погрешните политики на Мицкоски и Кочоска во економијата ја туркаат Македонија и иднинте генерации во должничко ропство“,
изјави тој.
Осврнувајќи се на одлуката за задолжување од 260 милиони евра, пратеникот обвини и за кршење на собраниските процедури, потсетувајќи дека пратеничката група на СДСМ веќе најави оти ќе поднесе интерпелација и кривична пријава против претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Како што наведе пратеникот, причината за тоа е што седницата на која треба да се расправа за новото задолжување е закажана веднаш по празничниот продолжен викенд, што, според Битиќи и пратеничката група од која доаѓа, е спротивно на деловникот и процедурите.
„Толку многу им се брзаше на владата на Мицкоски со новото задолжување што веднаш после празникот, спротивно на деловникот и процедурите, го ставија на дневен ред во Собранието задолжувањето од 260 милиони евра. Станува збор за грубо кршење на процедурите и злоупотреба на Собранието“,
рече пратеникот.
На почетокот на прес-конференцијата Битиќи рече дека Буџетот на државата е пред колапс, дека нема пари за ништо, поради што, кажа, власта секој месец оди со нови задолжувања за да ги покрива дупките што сама ги создава. Тој ги повтори обвинувањата на СДСМ, дека поради лошите економски политики на власта нема пари за повисоки плати и пензии, за зголемување на минималната плата на 600 евра, за поголеми субвенции на земјоделците.
„Но, има милиони за нови долгови и криминални тендери“,
рече Битиќи.
Пратеникот на СДСМ додаде дека за само две години, Владата на премиерот Христијан Мицкоски создала нов долг од 2,5 милијарди евра, со што јавниот долг е зголемен на историски највисоки 11 милијарди евра, што, кажа, ќе го плаќаат иднините генерации.
Дополнително, Битиќи кажа дека условите под кои Владата се задолжува се доказ за недовребата на меѓународните финансиски пазари кон економските политики на Владата.
„Ова задолжување е доказ дека меѓународните финансиски пазари не се инпресионирани од триумфални пораки дека Северна Македонија се движи кон врвот на европските економии, дека сме на пат да станеме меѓу ‘трите најбрзорастечки економии во Европа’. Владата бараше 300 милиони евра од банките, а доби само 260 милиони евра, и тоа со висока камата од 4,6 проценти. Тоа значи дека странските банките немаат доверба во фискалниот капацитет и економските политики на Владата на Мицкоски“,
рече Битиќи.
Инаку, ваквите наводи на опозициската партија викендот на прес-конференција ги изнесе и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, што беше повод за преписка меѓу опозициската партија и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Министерката преку објава на Фејсбук го повика економскиот тим на СДСМ на заедничка средба во Министерството за финансии за да ги разјаснат, како што напиша, економските состојби со реални бројки, наспроти „хистеричните прес-конференции полни со невистини“.
Лидерот на СДСМ, Филипче, исто така, преку социјалните мрежи ја прифати покана на министерката, но под услов дебатата да бдие пред камери и со присуство на медиумите.
На преписката вчера се надоврза и Битиќи, кој преку социјалните мрежи ја повика министерката за финансии денеска да дојде во Собранието и пред пратениците да ги брани позициите на власта во врска со задолжувањето и Фискалната стратегија 2027–2031.
Димитриеска-Кочоска не се одзва на повикот. Таа денеска не се појави во Собранието, а Фискалната стартегија пред пратениците ја образложи заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски. Од собраниската говорница тој, меѓу другото, наведе дека политиката на управување со јавниот долг ќе биде наосчена кон обезбедување на неопходните средства за финансирање на буџетскиот дефицит, за отплата на долговите од задолжувањата во претходните години и за реализирање на капиталните инвестиции, без да се предизвика неоправдано зголемување на долгот.

Пред почетокот на седницата, процедурално реагираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, кој се осврна токму на отсуството на министерката за финансии и покрај, како што кажа, сериозноста на точките што се на дневен ред.
„Лесно е на ‘Фејсбук’ да напишете ‘ве повикувам сите да разговоараме за долговите’, а од Собранието да избегате, да не дојдете тука. Тоа го прави и за буџетот, а јавноста бара објаснување. Нема подобра можност од тоа да дебатирате во законодавниот дом, да видиме која е визијата за фискалната стратегија“,
рече Спасовски.
Неприсуството на Димитриеска-Кочоска, исто така, процедуларно, го бранеше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој информира дека министреката за финансии е на службено патување што било планирано пред еден месец. Ова, како што кажа тој, го знаеле пратениците на опозицијата.
„Знаете дека министерката е на службено патување, а ја барате на пленарна седница. Она што Деловникот го бара е претставник од Министерството за финансии. Ние го имаме заменик-министерот. Ако навистина барате одговори, имаме кредибилен човек. Министерката е на планирано патување во Словенија, планирано пред повеќе од еден месец, а законот за задолжување дојде претходната недела. Најмалку сакам да ѝ бидам адвокат на министерката, но да ја информираме јавнста зашто од вчера почнавте со оркестриран напад“,
рече Мицевски.
