Борис Георгиевски, главен уредник на македонскиот сервис на Дојче веле, за БИРН вели дека денес е многу полесно да се најдат информации за Македонија од 1890 година во Њујорк тајмс, отколку за периодот од 2000-2010 година
Со дигитализацијата на медиумите сè потешко е да се дојде до информации и вести кои биле објавувани во македонските медиуми, пишува БИРН во нивната анализа со наслов „Дигитален парадокс – колку повеќе информации, толку поголем заборав“.
Информациите и вестите за настани кои се случиле и пред помалку од десет години, многу е тешко да се пронајдат во интернет просторот, бидјеќи електронските медиуми не се грижат доволно добро за архивите.
БИРН потсетува дека споменикот „Воин на коњ“ беше донесен на скопскиот плоштад на 14 јуни 2011 година. Време во кое дигиталните медиуми беа во полн замав, а социјалните мрежи рушеа рекорди во користење. Тоа беше настан на неделата што го преокупираше интернетот и потег што влијаеше врз политичкиот развој во следните години, преку заладување на односите со Грција и оддалечување од евроатлантскиот пат. Но, денеска девет години подоцна, ако се пребарува за овие случувања, главните резултати се кластери на агрегаторите за вести, на кои поголем дел линкови водат кон шифрата 404, интернет-епитафот што се става на страница што престанала да постои.
„Ако одиме кон поблиското минато, на сличен проблем, иако во помала мера, ќе наидеме и при пребарувањето на вестите за објавувањето на прислушуваните разговори за убиството на Мартин Нешкоски, на прес-конференцијата на СДСМ на 5 мај 2015. Тука нешто поголем број линкови останале активни, но на многу, сепак, судена им е 404-ката. Уште пострашна е ситуацијата со самата вест за убиството на момчето на скопскиот плоштад, настан што се смета за еден од клучните во политичкиот развој во последните години – ги постави првите назнаки на движењето што подоцна се нарече Шарена револуција, кое имаше значителен придонес во менувањето на претходната влада“,
пишува БИРН.
Основно професионално правило, додава БИРН, е дека еден медиум е одговорен за сѐ што објавува или што некогаш објавил. Тоа е една од причините зошто објавите треба да се чуваат. Но, колку повеќе медиумската работа се префрла онлајн, толку помалку се почитува тоа правило. Како втора важна причина се наведува историското сведоштво.
Борис Георгиевски, главен уредник на македонскиот сервис на Дојче веле, за БИРН вели дека денес е многу полесно да се најдат информации за Македонија од 1890 година во Њујорк тајмс, отколку за периодот од 2000-2010 година или подоцна во македонските медиуми.
„Водиме и водевме спорови со соседите за случувања од пред 100 и кусур години, а имаме избришани делови од нашата понова историја, од последните 30 години“,
додава Георгиевски за БИРН.
Нема ризик од губење на основните податоци за тоа кога нешто се случило, кога била донесена некоја одлука, бидејќи сето тоа е регистрирано во службените архиви, заклучува БИРН, но додава дека зачувувањето на медиумските содржини е важно од друг аспект.
„Прво, затоа што не може да се очекува секој да ги знае точните датуми на случувањата, па да ги пребарува низ интернет-складиштата на државните институции. И второ, затоа што медиумските објави даваат многу повеќе од фактографски податоци. Цели книги се пишувани за нивната важност за историографската наука, а со тоа и за колективното паметење. Тие го опишуваат контекстот на времето кога нешто се случило, какви ефекти тоа предизвикало во општеството“,
пишува БИРН.