Во Србија има повеќе од 630 починати лица од ковид-19, а не 244, како што официјално досега објавила тамошната Влада, при што најголемото „заташкување“ на бројот на мртви е во Ниш, покажуваат податоците од информацискиот систем за ковид-19 во кои Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) имала увид
Кон крајот на минатата недела, бројот на заразени се движел од 300 до 400 лица, наспроти двоцифрените бројки кои биле објавувани во јавноста
Од 19 март до 1 јуни 2020 година во Србија починале 632 пациента од новиот коронавирус, што е за 388 повеќе од официјално соопштените 244 смртни случаи за истиот период. БИРН ги дознал овие податоци врз основ на увидот во податоците во единствениот државен информациски систем за ковид-19.
Според сознанијата на БИРН, бројот на заразени во последните денови од минатата недела се движел меѓу 300 и 340 дневно, што е далеку повеќе од официјалните податоци дека имало 97 новозаболени.
Податоците за бројот на новозаразени се наоѓале во табела со наслов „Извешај за Влада“, која се правела врз основа на споменатиот информациски систем. Табелата содржела три серии на податоци – број на тестирани и позитивни во последните 24 часа, број на починати кои ги одобрува министерството за здравство и бројка за зафатеноста на креветите по болниците.
Најголема разлика во бројот на починати е забележана во Клиничкиот центар Ниш, каде според официјално објавените бројки, починале 77 пациенти. Податоците од информацискиот систем, во кој БИРН имал увид, покажуваат дека во Ниш починале 243 пациенти чиј резултат на тестот за коронавирус бил позитивен. Тоа е разлика од 166 починати.
Во Универзитетскиот болнички центар „Драгиша Мишовиќ“ на Дедиње, бројот на умрени е „смален“ за 55 (39 се соопштени јавно, а 94 во информацискиот систем). Во Земун, официјално има 32 починати, а во системот се наоѓаат имињата на 88 починати. Големи разлики има и во други болнички центри.
Податоците, според БИРН, покажуваат дека бројот на смртни случаи почнува да расте кон крајот на март, а врвот е достигнат кон средината на април и тој останува стабилен се до крајот на месецот. На пример, на 23 април починале 23 лица, додека во јавноста официјално е соопштено дека починале 6. Ден подоцна кризнииот штаб соопштил дека починале 5 пациенти, а во системот биле регистрирани 23.
БИРН во повеќе наврати се обидел да ги контактира надлежните од министерството за здравство, членовите на кризниот штаб, директорите на болниците и Институтот Батут, со цел да дознаат на што се должи големата разлика меѓу официјално соопштените бројки и оние кои се наоѓаат во информацискиот систем за ковид-19. БИРН се обидувал да дознае и кој одлучувал кои бројки официјално ќе и се претстават на јавноста. Никој не одговорил на прашањата на новинарите.
„На повиците на БИРН не одговорија: министерот за здравство Златибор Лончар, шефот на неговиот кабинет Никола Пандрц и повеќе советници во кабинетот на претседателката на Влада на Србија, Светлана Јовановиќ. За БИРН одбил да зборува и директорот на Клиниката за инфективни болести во Ниш, директорот на ’Драгиша Мишовиќ’ и други“,
пишува БИРН.
Целиот текст на јавно.рс може да го прочитате ТУКА