Во текот на заедничката прес-конференција со својот македонски колега Тимчо Муцунски, белгискиот министер за надворешни Максим Прево увери дека Северна Македонија може да смета на Белгија како цврст и сигурен сојузник на евроинтеративниот пат
Билатералните прашања во ниту еден момент не смеат да го спречат процесот на проширување – порача министерот за надворешни работи на Кралството Белгија, Максим Прево, за време на денешната посета на Скопје.
Во текот на заедничката прес-конференција со својот македонски колега Тимчо Муцунски, шефот на белгиската дипломатија увери дека Северна Македонија може да смета на Белгија како на цврст и сигурен сојузник кој недвосмислено го поддржува патот на земјава кон Европската Унија.

„Цврсто сум убеден дека билатералните прашања не треба во ниту еден момент да го спречат процесот на проширување. Јас и понатаму ќе продолжи да се залагам за напредок врз реформите и усогласеноста со компенхашките критериуми“,
порача Прево на заедничката прес-конференција со Муцунски.
Во контекст на спорот со Бугарија и нашите барања за гаранции на европскиот пат, белгискиот министер рече дека за Белгија постои јасна определба дека на Северна Македонија треба да ѝ биде дадено уверување дека нема да се јави повторна блокада или пречка откако ќе бидат направени потребните уставни измени.
„Верувам дека сите земји во ЕУ треба да најдат начин да се изрази волјата оти овие уверувања ќе бидат дадени“,
рече министерот за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка на Белгија.
Прево ја поздрави, како што рече, институционалната стабилност постигната во Северна Македонија, охрабрувајќи го конструктивниот политички дијалог и реформскиот пат на Владата. Како важна ја истакна и македонската евроатланска посветеност и усогласеност со надворешната политика.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ја поздрави континуираната и принципиелна поддршка на Белгија, велејќи дека земјава особено ја цени јасната определба за проширување на Европската Унија врз определбата на копенхашките критериуми.
