Покрај заедничкото присуство на настанот за oтпочнување со градба на источниот дел од железничкиот Коридор 8, премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев, денеска одржаа и билатерална средба на која, како што соопшти нашата Влада, фокусот на разговорот бил ставен на интензивирањето и унапредувањето на соработката помеѓу двете земји.
„Двајцата премиери разговараа за повеќе актуелни теми, како и за фактот дека активностите како денешниот настан, почетокот на изградбата на железничкиот Коридор 8, ги потврдуваат заложбите на двете земји за напредок на меѓусебните односи. На билатералната средба помеѓу премиерите Ковачевски и Донев се говореше и за можностите за проширувањето на капацитетите на гасоводот и продлабочена соработка која ќе обезбеди справување со последиците од енергетската криза која го засега цел Европски континент“,
стои во владиното соопштение.
„Пругата наречена надеж“ е сосема прецизна формулација за проектот железница кон Бугарија, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски од местото Шупли Камен во близина на Куманово каде што денеска официјално започна изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.
За време на официјалното отпочнување на изградбата на пругата од Коридорот 8, Ковачевски кажа дека е свесен оти кај граѓаните постои скептицизам дека пругата кон Бугарија некогаш ќе биде изградена, но додаде дека единствената опција која постои е удвојување на напорите со соседите и со ЕУ за овој проект да стане реалност.