Земјите ширум светот во невидени размери преземаат чекори за да го спречат ширењето на коронавирусот, почнувајќи од екстремни до крајно опуштени и креативни мерки, пишува Би-би-си објавувајќи листа од неколку земји кои преземале необични мерки.
Меѓу нив е и едена земја од соседство поради отстапка од полицискиот час која пред два дена се воведе и кај нас.
Панама
Централноамериканската земја, каде има речиси 1 000 заразени лица, објави мерки за строг карантин со кои ги раздвојуваат граѓаните по пол.
Од денеска (среда) мажите и жените ќе можат да ги напуштаат своите домови по само два часа, но во различни денови. Во недела, пак, полицискиот час ќе важи цел ден и за сите што значи дека никој нема да смее да излегува.
Колумбија
Во некои колумбиски градови, на жителите им се дозволува да излезат надвор според последната цифра во матичниот број.
На пример, во градот Баранкабермеја во понеделник можат да излегуваат луѓето чии матични броеви завршуваат со 0, 7 или 4, додека во вторник дозволено е движење на оние чии последни цифри се 1, 8 и 5.
Слична мерка се предлага и во Боливија, пишува Би-би-си.
Србија
Нашиот северен сосед е единствената земја од опкружувањето која доби место на оваа листа на Би-си-си. Србија се најде на листата поради мерката за исклучок од полицискиот час со која на сопствениците на домашни миленици им беше дозволено излегување за да ги прошетаат милениците од 20 до 21 часот навечер. Меѓутоа, оваа мерка беше укината што доведе до протести на сопствениците на домашни миленици.
Инаку, истата мерка пред два дена се воведе и кај нас и важи за време на викендите кога полицискиот час почнува во 16 часот. Во саботите и неделите, сопствениците ќе моат да ги шетаат милениците од 20 до 20:30 часот.
Белорусија
Белорусија се најде на листата на Би-би-си поради ставовите на претседателот Александар Лукашенко. Тој се смееше на предлогот дека власта треба да се обиде да го спречи ширењето на вирусот велејќи оти не гледа дека вирусот „лета наоколу“.
Би-би-си потсетува и на негова изјава за време на хокејски натпревар кога тој вели дека е добро да одат луѓе на натпреварите бидејќи студеното време го спречува ширењето на вирусот, како и на неговиот став дека пиењето вотка и одењето во сауна се решение за вирусот.
Шведска
За разлика од своите соседи, Шветска зазеде многу поопуштен став кога се во прашање мерките против коронавирусот и покрај тоа што регистрираше околу 4 500 заразени.
Шведската влада очекува граѓаните да се однесуваат разумно и им верува дека ќе се однесуваат правилно.
Собирите на повеќе од 50 лица беа забранети дури во неделата, но шведските училишта остануваат отворени за децата под 16 години. Исто така, сè уште работат пабовите и ресторани.
Малезија
Советите кои се даваат во Малезија, исто така, се покажаа контроверзни, пишува Би-би-си.
Имено, таму женското министерство објавило онлајн постери советувајќи ги сопругите да се дотеруваат, шминкаат и да избегнуваат да ги караат нивните сопрузи додека земјата е во карантин. За ова Владата потоа објавила и извинување, а постерите биле повлечени по бројните критики на социјалните мрежи.
Туркменистан
Оваа земја се најде на листата откако вчера низ светските медиуми проструи информацијата дека властите забраниле да се користи зборот „коронавирус“.
Луѓето кои зборуваат за вирусот или носат маски на улица, според тамошните новинари, можат да бидат и уапсени.
Австрија
Австријците се најдоа на листата бидејќи наспроти препораките на Светската здравствена организација (СЗО) дека лицата кои не се заразени не треба да носат маски, канцеларот Себастијан Курц презентираше задолжителна мерка за носење маски во супермаркетите.
Иако луѓе со маски на лицето се вообичаена глетка во многу делови во Азија, пишува СЗО, во Европа, Австрија е само четвртата земја која налага да се носат маски, откако претходно тоа го направија Чешка, Словачка и Босна и Херцеговина.