Целта на разговорите во германската престолнина, како што пишува агенцијата, е Бугарија да ги претстави условите за почеток на преговорите на С Македонија со ЕУ
Премиерот Бојко Борисов ја испрати вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во Берлин, каде што вечерва, на покана на германското председателство со Европскиот совет, ќе има дискретна средба со претставници на македонските власти, објави БГНЕС.
Целта на разговорите во германската престолнина, како што пишува агенцијата, е Бугарија да ги претстави условите за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Според БГНЕС, се очекува Захариева да ја претстави тврдата позиција на Софија, нагласувајќи дека има се помалку време за заедничко решение, односно дека се изброени деновите до кога ЕУ треба да донесе одлука дали Северна Македонија ќе ги почне преговорите.
Како што објави „360 степени“, на покана на германските министри за надворешни работи и за Европа, Хајко Мас и Михаел Рот, денеска доцна попладне во Берлин се одржува состанок на кој, покрај домаќините, присуствуваат македонските министри Никола Димитров и Бујар Османи и шефицата на бугарската дипломатија.
Захариева вчера во изјава за Ројтерс изјави дека С Македонија треба да ја признае „историската вистина“ – дека македонските јазик и идентитет имаат бугарски корени. Во спротивно, С Македонија, според најавите од Софија, би можела да се соочи со вето за официјалниот старт на преговорите со ЕУ, наспроти плановите на претседавачот Германија – до крајот на годинава да се одржи првата меѓувладина конференција.