Ваквата порака на Столтенберг доаѓа по говорот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, сега претендент за претседателската номинација на Републиканската партија за есенските избори, на предизборниот митинг во Јужна Каролина на почетокот на февруари, што предизвика загриженост кај голем број земји-членки на НАТО поради можноста тој да се врати во Белата куќа
Без оглед на тоа кој ќе победи на претседателските избори, очекувам САД да останат силен и лојален сојузник на останатите земји од Алијансата, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција во полската престолнина Варшава со британскиот премиер Риши Сунак.
Ваквата порака на Столтенберг доаѓа по говорот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, сега претендент за претседателската номинација на Републиканската партија за есенските избори, на предизборниот митинг во Јужна Каролина на почетокот на февруари, што предизвика загриженост кај голем број земји-членки на НАТО поради можноста тој да се врати во Белата куќа.
Трамп тогаш, опишувајќи измислен разговор со европски лидер, рече дека како претседател на САД му кажал на шефот на држава на земја на НАТО која не сакала да ги зголеми трошоците за национална одбрана, дека во таков случај, не само што нема да ја брани земјата за која станува збор според договорот на Алијансата во случај на напад од Русија, но и би го „охрабрил“ рускиот претседател Владимир Путин „да прави што сака“.
Претседателот на САД Џо Бајден роцени дека Трамп со таквиот коментар испратил опасен и срамен сигнал до светот.
„Зар можете да замислите, поранешен претседател на Соединетите Држави да го каже тоа? Целиот свет го слушна. Ниту еден претседател во нашата историја не се поклонувал пред руски диктатор. Па, да ви кажам колку што е можно појасно. Јас никогаш нема да го сторам тоа. Боже, тоа е глупаво. Срамно. Тоа е опасно. Тоа е неамерикански“,
изјави Бајден.