Освен партиите што официјално ќе добијат покана за присуство на средбата, од партијата велат дека на состанокот може да присуствуваат и оние партии на Албанците коишто имаат интерес, а до кои нема да биде испратена покана
Генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа, информира дека партијата денеска ќе ја испрати најавената покана до сите партии од албанскиот блок за заедничка средба, чиј фокус ќе биде можната замена на формулацијата „јазик кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“.
Освен партиите кои официјално ќе добијат покана за присуство на средбата, Хоџа изјави дека на состанокот може да присуствуваат и оние партии на Албанците што имаат интерес, а до кои нема да биде испратена покана.
Средбата се очекува да се одржи откако ќе ги добијат одговорите од сите партии, а Хоџа очекува тоа да биде следната недела.
Другите албански партии начелно се согласуваат да се сретнат за да ги координираат позициите и дејствијата за уставните измени.
Од Алијанса за Албанците, исто така, се за средба која, според в.д. претседателот на оваа партија, Арбен Таравари, треба да ја свика првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Во случај Ахмети да не направи такво нешто, Таравари изрази подготвеност тој да закаже средба со албанските лидери кога сите ќе бидат подготвени.
Дека средбите и координациите на албанските партии се од полза за процесите во земјава, истакна во саботата и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на отчетната средба во Тетово.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, прашан дали ќе има средба со политичките партии на Албанците во врска со измените на Уставот и евентуална замена на формулацијата за јазик што го зборуваат најмалку дваесет отсто од граѓаните со албански јазик тој рече дека состаноци од таков карактер се добри и дека се во постојана комуникација со сите политички партии, како и со меѓународната заедница.
Дефиницијата „дваесет отсто“, според Ахмети, е компромис што е направен во 2001 година со цел да не и се наштети на супстанцијата на мировниот Охридски договор. Ахмети додаде дека дискутирале и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ дека во вистинскиот момент кога ќе има 80 гласа „овој проблем може и да се поправи”.